Левица: Инструментализација на образованието со цел на бришење на македонскиот национален идентитет

  • Реакција на политичката партија Левица

Една од клучните цели кон кои што се стреми потпишаниот протокол е образованието. Јасно воочлива е намерата за систематизирана индоктринација на младите, во насока на неутрализација на националното чувство.

Програмата за соработка во образованието 2022-2025, што на 23-ти март оваа година во Софија ја потпишаа министерот Јетон Шаќири и министерот Николај Денков, до ден-денес не е достапна за пошироката јавност, но, стои во капитулантскиот Протокол како веќе постигнат успех во рамки на соработката.

Пред две години, беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Нејзината работа во Протоколот е оценета како „под очекувањата“, па оттука ѝ се дадени конкретни задачи.

Двете држави, преку надлежните министерства и единиците на локалната самоуправа, во рок од две години, да ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, во учебните програми, учебници и релевантните учебни материјали, а резултатите да се рефлектираат врз содржините на натписите на споменици, знаци, информациски материјали во музеи, и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост.

Договорените резултати претставуваат бришење на македонската и старословенската историја и прифаќање на бугарскиот експанзионизам за научна вистина. Како пример: „Владата на Република Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Македонија, на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.

Дополнително, со тоа што Протоколот предвидува и „Рехабилитација на жртвите од репресиите во комунистичкиот период“, можно е во новите учебници, скроени по теркот на велепредавството, народните херои од НОБ да бидат прогласени за терористи, а докажаните фашисти како Ванчо Михајлов да бидат прогласени за национални херои!

Јасна е намерата на бугарската страна, а јасно е и велепредавството од страна на неизбраната Влада на Македонија. Со научни девијации кои имаат за цел да спроведуваат политичка агенда, треба да се реагира остро и ригорозно – тие мора да бидат отфрлени како штетни и опасни.