АктуелноЛокално

Мојсоска: СДСМ и ДУИ договориле Бугарија да ни ги пишува учебниците

Денес во јавноста конечно протекоа информации за тоа што се содржи Протоколот за отпочнување на преговорите со ЕУ согласно „францускиот предлог“. Информациите кои можеа да се прочитаат се вознемирувачки за македонската јавност, затоа што содржат како ревизија на историјата, така и бројни негирања на македонскиот народ, но и одредби согласно кои Бугарија ќе контролира внатрешните работи на Македонија.

Едно од директните вмешувања во внатрешните работи на Републиката е тоа што со потпишувањето на овој Протокол Македонија се обврзува да прави измени во учебниците по „бугарска мерка“. Очигледно ова не е доволно за источниот сосед, па затоа и дополнително сме обврзани да праќаме извештај за направените измени во образованието, а ќе добиеме преодна оценка во ЕУ интеграциите само ако тоа и се допадне на Бугарија.

,,Владата на Република Македонија се обврзува, во периодот на преговори за членство во ЕУ, доследно да ја информира Република Бугарија за сите промени во содржината на сите учебници, наставни средства и насоки во образовната програма на Република Македонија и да обезбеди копии од новите изданија.” – Стои во Протоколот.

За оваа одредба од протоколот жестоко реагираше Генералниот секретар на Политичката партија Левица, Јована Мојсоска. Според неа, од сега луѓето кои парадираа со транспаренти Македонија е бугарска ќе ни ги пишуваат учебниците.

Оние кои парадираат со транспаренти во Парламент дека Македонија е бугарска, оние кои држат говори во Парламент дека Македонија треба да се присоедини кон Бугарија – тие ќе ви ги пишуваат учебниците. СДС и ДУИ конечно ќе го остварат вековниот сон на Голема Бугарија. – Напиша Мојсоска.

Според Генералниот секретар на Левица, во Македонија нема разумен човек кој би го поддржал ова, освен предавниците од владејачката клика.

И нема ниту еден нормален, разумен човек што би го поддржал ова. Останаа само неколку купени бедници и поддржувачи на оваа владејачка клика да се бламираат јавно.