(Видео) Јанески: Народот ќе те спречи неизбран премиере
„Датум за преговори можен е годинава”. „Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!” „Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара.”
Ова се изјави на наши актуелни и поранешни политичари со кои нѐ замајуваат веќе две-три децениии. Во меѓувреме, ни ги одземаа фабриките, ни ги запоседнаа изворите, ги уништија шумите, ни го сменија знамето, името, ни ја редефинираа државата, еве и на пат се да ја смениме историјата – небаре историјата е македонски устав па така лесно ќе си ја менуваме, и сѐ тоа повикувајќи се на таканаречените европски вредности – новиот религиски култ во Македонија
А за возврат што добивме? Понижувачки француски предлог што треба да не згасне.
Драг народе, драги Македонци, патриоти, родољуби. Добровечер. Јас вечерва како и деновиве воопшто не сум рамнодушен. А верувам и вие. А каков и да бидам кога Македонија е донесена пред свршен чин. Донесена на работ на црното да каже дека е бело – фашизмот да го прифати како европска вредност. Извинете, но, јас тоа не го прифаќам!
Вечерва сум овде затоа што моите прадедовци Магден и Нанчо, биле дел од балканските војни како дел од македонските доброволци. Затоа што мојот прадедо Александар бил дел од партизанските единици кои учествуваа во конечното ослободување на Македонија од бугарскиот фашистички окупатор! Тој немало да се крене на оружје ако тие само администрирале, туку напротив, тие окупирале, угнетувале и убивале.
Вечерва сум овде, исправен гордо затоа што нема да дозволам неколку предавници да преговараат и договараат за крвта која ја дале нашите предци. За тоа ли треба да правиме компромис?
Ќе правиме компромис, а тие не ни го признаваат македонскиот јазик? Па кои се тие да не го признаваат македонскиот јазик, кога тој е признаен од светската наука, се изучува на сите катедри за славистика, заведен е во Обединетите Нации.
Кој треба друг да го признае? Да чекаме тие да ни кажат што ни е јазикот? Ќе правиме ли компромис со оние кои се секогаш на грешната страна на историјата, и во обид да го исперат нивното фашистички минато, сега сакаат да ни ги пишуваат учебниците? Да им ги удоволуваме нивните фашистички апетити? КОЈ ИМ ГО ДАЛ ТОА ПРАВО?
После францускиот предлог да се запрашаме? Што е Европска Унија? Економско-политичка заедница или организација за асимилирање и преиначување на помалите и послабите народи и нации по мерка на помоќните?
Лажни и манипулативни се нивните „повисоки цели” поради кои го лишуваат македонскиот народ од основните атрибути на неговиот културен, политички и историски идентитет.
Ние треба да сфатиме дека веќе имаме држава и институции и дека и без Европската Унија ќе продолжиме да егзистираме и ќе можеме да го вратиме меѓународното достоинство. А оние што истакнуваат дека „готово, после одбивањето на овој предлог следува потоп“ се само багра корумпирани политичари кои се задоени со муртинската филозофија дека без камшикар не можеме. Епа вие барајте си камшикари, на македонскиот народ не им требаат никакви камшици!
Гоце не се бореше за да остане под камшикар, ами се бореше за слобода и за содавање на држава, партизаните не се бореа да имаат бугарски фашистички камшикар, ами да имаат слободна македонска држава.
Сегашниот неизбран премиер, на кого не сакам ни името да му го спомнам, како што ни тој не сака да го спомене името Македонија, рече дека нема да дозволи хулиганите да го спречат да го прифати францускиот предлог. Ој премиере неизбран, хулигани ли не нарекуваш? Премиере неизбран, НАРОДОТ ЌЕ ТЕ СПРЕЧИ, НАРОДОТ ! ОВОЈ НАРОД ОВДЕ ! Слушаш ли неизбран премиере?
Како што гледате, ќе сторат се’ за да го побијат нашиот партизански дух и да ги пасивизираат протестите. Меѓутоа, не сфаќаат дека си играат со погрешната генерација !
Во таа насока би цитирал само една изјава од Гоце Делчев: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех. Јас сакам револуција со луѓе кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што ќе биде и нашата.”
Драѓи сограѓани, македонски партизани. Ние заедно ја пишуваме историјата. Дали ќе не паметат како херои на нашето време или како предавници кои ги предале коските на славните илинденци и асномци. Од нас зависи.
Затоа одиме до крај, масовно, не се предаваме и ви порачуваме дека ова нема да ви помине ! Одиме до крај затоа што тоа ни е обврска и должност кон оние кои го дале животот за Македонија, за оние штотуку родените, и за оние неродените!
Смрт на фашизмот, слобода на народот!