Во протоколот има 17 задачи за Македонија и само 2 за Бугарија

17:2 e резултатот од неофицијалната верзија на протоколот. 17 обврски презема Македонија, 2 обврски презема Бугарија и тоа само во однос на споделување на искуства и отвореност на нивните архиви. Другите обврски од протоколот се однесуваат на двете страни. Еве на што би се согласила Македонија доколку го потпише и овој документ од пакетот документи од францускиот предлог за решавање на проблемот со ветото на Бугарија и почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Откако во јавноста се прошири бугарска верзија од протоколот, веднаш реагираше МНР. Од Министерството за надворешни работи велат дека оваа верзија на протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој треба да претставува записник од предвидената Заедничка меѓувладина комисија која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, е стара и неконечна. „Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија.

Во овој контекст би сакале да посочиме дека содржината на евентуалниот протокол меѓу двете земји, како записник од идната седница на заедничката меѓувладина комисија, финално ќе биде усогласен на самата седница на оваа комисија“, велат од МНР.

Министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи досега неколку пати вети дека ќе го објават протоколот, но тоа до денес не се случи.

Устав, Самоил, учебници, натписи на споменици и во музеи…

Еве што пишува во таа, како што велат од МНР, стара и неконечна верзија на протоколот со датум од 3 јуни. Пренесуваме делови од протоколот што го добивме на бугарски јазик.

„Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија го прифаќаат извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (во натамошниот текст: „Комисијата“) за периодот 2019-2022 година со следните забелешки: во текот на извештајниот период, Комисијата одржа …./број/ состаноци. И покрај малиот напредок за цар Самуил и темата на богомилската ерес, Комисијата не донесе други препораки, што беше оценето како незадоволително.

… Двете страни во рок до две години да ги вклучат во наставните програми, учебници и соодветни наставни материјали, натписи на споменици, табли, информативни материјали во музеи и други предмети од образовно и културно значење, релевантни информации во електронските информативни средства во државна сопственост сите договорени резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.

… Владата на Република Бугарија изјавува подготвеност да даде согласност за одржување на Првата меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, под услов Првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија ќе го вклучи во нејзиниот Устав оние од нејзините граѓани кои живеат на територијата на земјата и се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот. Владата на Република Бугарија ја презема оваа обврска со разбирање дека двете страни ќе го имплементираат Договорот и овој протокол со добра волја.

Македонците во Бугарија не постојат

… Акции што треба да се преземат пред првата Меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија: Владата на Република Северна Македонија се обврзува дека пред одржувањето на Првата меѓувладина конференција, ќе ги заврши соодветните процедури и ќе ги вклучи во својот Устав оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на земјата и се дел од бугарскиот народ, и ќе го усогласи своето важечко законодавство, така што ќе ги одрази измените направени на Уставот.

Владата на Република Северна Македонија, согласно чл. 11 ст. 5 од Договорот, ја потврдува заложбата дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштитат статусот и правата на неграѓаните на Република Северна Македонија.

… Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, учебни помагала и други релевантни едукативни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија Македонија за соработка во областа на образованието и науката.

… Страните ја потврдуваат својата посветеност да преземат акција против говорот на омраза и ги назначуваат министерствата за надворешни работи како контакт институции за заедничко идентификување на такви случаи во натписите на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни програми, како и во медиумскиот простор (вклучувајќи ги онлајн и социјалните медиуми).

Страните ќе воспостават, без одлагање, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни дејства при идентификување на таквите случаи.

Двете страни ќе преземат ефективни мерки за спречување на злонамерната пропаганда од страна на институциите и агенциите и за обесхрабрување на активностите на приватните субјекти насочени кон поттикнување насилство, омраза или други слични дејства кои би наштетиле на односите.

… Владите на двете земји на заедничка церемонија ќе откријат обновени табли на тврдината на Цар Самуил во Охрид, кои ќе ги одразуваат препораките на Комисијата.

Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и презентира една лекција за учебникот за 7 одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Цар Самуил, во согласност со препораките на Комисијата и во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.

Овој пример се применува во сегашниот протокол и во иднина ќе биде вклучен во училишната програма во Република Северна Македонија.

… Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната 2023-2024 година ќе ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение. Двете страни се согласија, по идентификација на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебниците и наставните средства, да ги повлечат од нивните образовни програми и да ја променат нивната содржина.

Владата на Република Северна Македонија се обврзува, во периодот на преговорите за членство во ЕУ, доследно да ја информира Република Бугарија за сите промени во содржината на сите учебници, наставни средства и методолошки насоки во образовната програма на Република Северна Македонија и да обезбеди копии од новите изданија.

… Владата на Република Северна Македонија, во период од една година, да ја дефинира потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од комунистичкиот период, вклучително и полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 г. Оваа сеопфатна законска рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално складирање и зачувување на релевантните документи.

Република Северна Македонија ќе преземе мерки за ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Северна Македонија:

• Постигнување одржливи резултати во спречување и реакција против манифестации на говор на омраза кон Бугарија и Бугарите во Република Северна Македонија во медиумскиот простор, и онлајн и социјалните медиуми во Република Северна Македонија.

• Постигнување одржливи резултати во спречувањето, истрагата и гонењето на злосторствата од омраза, говорот на омраза и дискриминацијата на Бугарите во Република Северна Македонија.

• Преземање ефективни мерки за подигање на свеста за институционалните механизми за човекови права и зголемување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија кон овие механизми и национални институции.

• Постигнување одржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и слободно користење на симболите на нивната заедница“.

Извор: mkd.mk