АктуелноЛокално

Цуцуловски: Бугарските политичари јавно демонстрираат територијални претензии кон соседните земји

  • Фејсбук статус на Проф. др. Љубомир Цуцуловски

Интересно е како бугарската политика дозволила, без каква било реакција, во 1944 год. два милиони „Бугари“, преку ноќ, да бидат „преобразени“ во Македонци, и како тие „Бугари“ тоа го прифатиле кротко, без збор на протест, бидејќи тоа значи дека и во иднина на „бугарите“ може да им се случи истото – од нив, на пример, да се создадат Гагаузи, по директива на некоја нова Коминтерна. Однесувајќи се вака, денешните бугарски политичари, „бранејќи“ го својот/„својот“ народ, практично го сведуваат на лесно, дури и ефтино обликлива маса. Интересно би било да се чуе и зошто молчат за „Бугарите“ во Грција, како и за тамошната граѓанска војна во периодот 1946-1949 година.

Досега, колку што знам, за ова занемено молчат, ниту било кога испратиле пишан протест. Веројатно дека бугарските политичари се држат до принципот да притискаат и да покажуваат „мускули“ таму каде што мислат дека е слабо, дека нешто може да им успее или да се протурка. Инаку, како по обичај, си молчат, чекајќи туѓи директиви. Исто така интересно е да објаснат како во социјалистичка/живковистичка Бугарија дојде до насилно денационализирање и преименување на Турците, Ромите или исламизираните Бугари и дали тоа беше во духот на демократијата или беше во духот на живковизмот и шовинизмот.

Ништо помалку не е интересно зошто кога ќе се спомне македонското прашање, окупацијата на Македонија (вклучувајќи го и делот во Грција за време на Втората војна), како и губењето (буквално!) на сите војни во 20-от век, како по команда се јавува цел бран „Бугари“ со најнавредливи зборови за нас, Македонците и со спротивставени, самите на себе, ставови. Или, не се работи за ставови, туку за стравови од она што го правеле и што и понатаму го прават? На тој начин, само ја зголемуваат атмосферата на нетрпеливост, на омраза и агресија во однос на соседните држави и нации.

Притоа, поголем дел од бугарските официјални политичари јавно манифестираат територијални претензии кон соседите, занесени во нивниот Сан-Стефански сон, што е својствено за секој провинцијалец.

Затоа, нема да дозволам каков било коментар од нивна страна на мојот фејсбук профил, бидејќи нарачаните „коментари“ никаде не водат, освен кон продлабочувања на официјано продуцираниот анимозитет меѓу двата народа. Конечно, секој од нив има своја фејсбук страница (ја имаат и ЕУ, како и нејзините институции) и таму може да пишува, дискутира, коментира, кажува и „докажува“ колку што му душа сака.

Меѓутоа, кај мене не ќе може, бидејќи веднаш ќе биде избришан или блокиран. Моите постапки, како и мојата одлука можат да ја именуваат како ќе посакаат. Тоа е нивен проблем, како што е нивен проблем и нивната не многу блескава историја, особено онаа од крајот на 19-от и во текот на целиот 20-ти век.

Се надевам дека вие, кои редовно ги следите моите постови, ќе имате разбирање за мојата одлука и дека нема да дозволите да бидете испровоцирани и да влегувате во кавги и докажувања на она што е секому познато – дека Македонија и Македонците постојат, како што и претходно постоеле, колку тоа некого и да го збеснува или да му ги зголемува примитивните фрустрации. Пријатно и секое добро, драги пријатели.

П.С. Би било пожелно кога „нашите“ политичари би постапиле слично. Кога, имено, би ги игнорирале сите услови/уцени кои Бугарија ги наметнува. Што ќе биде, во тој случај, со влезот во ЕУ? За тоа нека одлучи самата ЕУ – дали ќе се проширува или и понатаму ќе води лицемерна политика.

П.С: Претходните редови претставуваат реобјавување на мојот минатогодишен текст „Интересно е како…?“, објавен на 7 јули 2021 година.