АктуелноЛокално

Класните разлики до небо, банките со нови рекордни профити

За дури 31 милиони евра се зголемиле добивките на македонските банки во минатата година во однос на една година претходно, односно 2020 година.

Или, според најновите податоци кои ги објави Народна банка на Македонија, во минатата 2021 година сите банки во земјава оствариле вкупна добивка опд 150 милиони евра, или прецизно, 148,8 милиони евра.

Во однос на 2021 година, кога домашните банки прикажале вкупен профит од 118 милиони евра, излегува дека нивната заедничка добивка е зголемена за 31 милиони евра.

Тоа значи дека ниту ковид ниту пост ковид криза, не им можела ништо на домнашните банки, туку тие продолжиле да ги трупаат и натаму своите профити.

Овде треба да се напомене дека веќе на крајот на минатата година во земјава фигурираат 13 банки, наспроти претходната состојба кога имаше 14 банки, се до јуни лани, кога се споија Шпаркасе и Охридска банка, така што сега во регистерот единствено е наведена Шпаркасе банка.

Па така, сега во земјава и натаму постојат пет големи банки, со таа разлика што сега петте големи банки се Комерцијална, Стопанска банка Скопје, НЛБ Банка, Халк банка и Шпаркасе банка. Се досега, пак, Шпаркасе банка беше во групата на средни банки, а Охридска беше во редот на големите, но откако беше преземена од Шпаркасе банка, таа не фигурира во регистарот на банки.

Големата банкарска петорка лани направила добивка од вкупно 135 милиони евра, зборуваат показателите на централната банка. Наспроти 101 милиони евра колку што големите банки имале добивка на крајот на 2020 година, тоа значи зголемување за 34 милиони евра.

Ова говори дека растот на добивките кај големите банки е поголем отколку вкупниот и на другите банки, што е поврзано и со фактот што сега во таа бројка е вклучена и профитабилноста на поранешната Охридска банка.

Групата на средни банки, пак, каде што сега се вклучени шест наместо седум банки порано, има помала вкупна добивка во споредба со 2020 година. Односно, на крајот на минатата година групата средни банки имала вкупен профит од 11,8 милиони евра, наспроти 14,4 милиони на крајот на 2020 година.

И, кога станува збор за малите банки, каде влегуваат три банкарски институции, нивната вкупшна добивка е речиси идентична, па на крајот на 2021 година изнесувала 2,2 милиони евра, наспроти 2,4 милиони во 2020 година.

 Што ги набилдало лани банкарските добивки?

Како и вообичаено, најголемиот дел од приходи на банките, се темели на нето приходите од каматите, односно разликата од каматните стапки по кои тие даваат кредити и оние кои ги плаќаат на штедачите за нивните депозити. Од нето приходи од камати банките лани заработиле 255 милиони евра, или близу 10 милиони евра повеќе од претходната година.

Добро се ќарува и од банкарските провизии и надоместоци, лани приливот од нив бил 91 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од приходот кој по оваа основа го оствариле банките во 2020 година.

Од курсни разлики банките оствариле приход од близу 19 милиони евра, што е за над два милиони евра повеќе од претходната година.

И конечно, воопшто не лош извор на пари на банките им се и останатите приходи од дејноста, кои во 2021 година изнесувале 64 милиони евра, што е раст за дури 12 милиони евра во однос на една година претходно.

Ако погледнеме на расходната страна, на банките лани подобро им одело и со лошите кредити.

Односно загубите поради оштетување на финансиските средства, или исправките на вредноста за ненаплатливите кредити, минататра година изнесувале 63 милиони евра, додека, пак, овие трошоци во 2020 година биле повисоки за 10 милиони евра, односно 73 милиони евра.

За разлика од овие расходи каде што има намалување, пораснале трошоците на банките за вработените. Или, лани тие се искачиле на 88 милиони евра, што е за четири милиони евра повеќе во однос на претходната година. Дали тоа значи дека банките си ги зголемиле платите на своите вработени, или, пак, имаат повеќе нови вработувања, не е познато.

Извор: faktor.mk