Колумбија го избра првиот левичарски претседател

Густаво Петро, поранешниот левичарски градоначалник на Богота и поранешен бунтовнички борец, е прогласен за победник на претседателските избори во Колумбија.

Петро, актуелен сенатор, тесно го победи десничарскиот градежен магнат Родолфо Ернандез во вториот круг од претседателските избори во неделата, објави британската телевизиска мрежа Би-би-си.

Според податоците, Петро освоил 50,5 отсто од гласовите и го победи ривалот со повеќе од 700.000 гласа, со што стана првиот левичарски лидер на Колумбија.

Шеесет и двегодишниот Петро ја поздрави, како што рече, „победата за Бога и за народот“

„Сите тие страдања нека се ублажат со среќата што денес го преплавува срцето на татковината. Денеска е ден за улиците и плоштадите“, напиша Педро на Твитер.

Франсија Маркес, самохрана мајка и поранешна чистачка, ќе стане првата темнокожа потпретседателка во земјата.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Ернандез, кој водеше нетрадиционална кампања базирана главно на Тикток и другите социјални мрежи, го призна поразот.

„Колумбијци, денес мнозинството граѓани избраа друг кандидат. Како што кажав во текот на кампањата, ги прифаќам резултатите од изборите. Се надевам дека господинот Густаво Петро знае како да ја води државата и дека ќе му биде верен на својот говор против корупцијата“, рече Ернандез.

Колумбискиот претседател во заминување Иван Дуке, кој според колумбискиот закон немаше право повторно да се кандидира, напиша на Твитер дека го поканил Петро да му честита и рече дека се договориле да се сретнат во наредните денови за да започнат „хармонична, институционална и транспарентна транзиција“.

Петро, поранешен член на герилското движење М-19, за време на кампањата вети дека ќе се бори против нееднаквоста и ќе обезбеди бесплатно универзитетско образование, ќе воведе пензиски реформи и високи даноци на непродуктивното земјиште.

Тој, исто така, рече дека целосно ќе го спроведе мировниот договор од 2016 година, со кој му беше ставен крај на 50-годишниот конфликт со комунистичката герилска група Фарк, и ќе побара преговори со сѐ уште активните бунтовници на ЕЛН.

  • текстот е превземен од www.mkd.mk