(ФОТО) Државниот врв целосно ги заборави спомен куќите на македонската државност

Во срцето на државата, на само 80 километри од Скопје, се наоѓа меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОВ, во историското село Горно Врановци. Во селото се наоѓаат пет спомен куќи: на Президиумот на НОВ, ЦК на КПМ, Главниот штаб на НОБ и на Печатницата „Гоце Делчев“, каде беше отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, како и спомен куќата на раководството на ОЗНА, што е во сопственост на МВР и е со години затворена за јавноста.

Спомен куќата на ОЗНА која е затвоена за јавноста

Токму тука, во ова историско село, од средината на септември до крајот на ноември 1944 година, биле засолнети највисоките органи на НОВ и на извршната и законодавната власт на тогашна Федерална Демократска Македонија. Токму куќите каде биле сместени овие органи, денес се спомен музеи што ја чуваат историјата.

Во музеите можат да се видат копии од бројни документи и фотографии од есента 1944 година. Тука има и печатарска машина – „Бостонка“, на што се отпечатени првите броеви на „Нова Македонија“ и на „Млад борец“, мапите за воените операции и други документи.

„Бостонката“ од еден тон која ја носеле на раце за да се роди „Нова Македонија“

Иако, поради значењето на историските спомен куќи, Горно Врановци е прогласено за културно наследство, сепак, за 38 години постоење на спомен-куќите од антифашистичката Народно-ослободителна борба (НОБ), таму нема стапнато, ниту ги има посетено претставник на државниот врв на Македонија. Ниту од претседател на државата, ниту премиер, макар на 11 Октомври, Денот на народното востание против фашизмот според Марин Клифов од Народниот музеј во Велес, до неодамна раководител на овие спомен-куќи, а сега во пензија

Спомен-куќите не се посетени ниту од премиер, ниту од претседател на државата за овие 31 години самостојна држава, ниту од некој претставник на власта претходно во рамките на СФРЈ, иако може да се каже дека Горно Врановци е првата престолнина на државата Македонија. Тука единствено имаат дојдено Владо Бучковски, како министер за одбрана и Ирена Стефковска, како министерка за култура,

Тој, исто така, нагласува дека Народниот музеј од Велес и селаните ги чуваат и одржуваат спомен куќите во одлична состојба и се гордеат со нив. Тие имаат желба и надеж дека на овој голем јубилеј на 11 октомври годинава, некој сепак ќе се сети на ова значајно место и на комплексот Спомен куќи и дека повторно ќе ги посети.

Печатницата „Гоце Делчев“, каде бил отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“

На 11 октомври 1984 година при свеченото отворање на комплексот, во посета единствено беше Лазар Мојсов, кој беше сојузен секретар за надворешни работи на тогашната СФРЈ, член во заедничкото Претседателство на СФРЈ и претседател на Претседателството од 1987 до 1988 година.

Тогаш спомен куќите ги посети и генералот Михајло Апостолски и оттогаш, историско – значајните музеи тонат во тивок заборав од страна на државниот врв, а кај локалните жители се уште постои надежта дека сепак не се заборавени и ги повикуваат сите функционери да дојдат во посета во Горно Врановци на големиот ден – 11 октомври.

Велат дека ако не можат тогаш, нека дојдат некој друг ден, а тие ќе ги чекаат додека портите на историските и значајни спомен куќи во Горно Врановци се ширум отворени за нив и за сите посетители и добронамерни луѓе, кои сакаат да се запознаат и да ја научат поновата македонска историја. Воедно, при посетата ќе имаат можност и да уживаат во прекрасната природа со дабова и костенова шума и во многу други природни убавини и реткости.