79 години од смрта на Коста Солев Рацин
- Објава на Левичарскиот Институт „Рацин“
На денешен ден 1943 година, на планината Лопушник, трагично загина најголемиот македонски револуционер, работнички и комунистички деец, Коста Апостолов Солев или скратено, како што го именуваа неговите другари, Кочо Рацин.
Кочо Рацин е еден од најистакнатите македонски интелектуалци во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Иако тој е најпознат по својата поезија, особено збирката песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература, сепак тој има напишано и исклучително важни прозни и философско-теоретски дела, како и написи од областа на историјата и литературната критика.
Неговите писанија за Хегел, за Богомилите, за Националното прашање и македонскиот јазик, претставуваат едни од најреспектабилните записи од областа на маркистичко-комунистичката филозофија напишани на македонски јазик.
Ништо помалку важни не се и неговите критичко-есеистички записи, каде тој ги изнесува своите размисли како теориски становишта за книжевноста и нејзината суштина, каков што на пример е текстот „Блазирани глупости за насмевката на Мона Лиза“.
Коста Солев е роден во Велес на 22 декември 1908 година. Притиснат од сиромаштијата, тој е принуден да го напушти редовното школување во II клас нижа гимназија и да почне да работи како грнчар во грнчарската работилница на татко му. Сепак, неговата желба за учење е голема и тој продолжува да се самообразува, користејќи го слободното време за читање и проучување на делата од најистакнатите марксисти и комунисти.
Рацин, уште, во перодот меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија и набрзо се истакнува како еден од нејзините најнадежни млади кадри од Македонија. Како резултат на кадровската политиката на Советскиот Сојуз, која, како критериум за напредок во партиската хиерархија давала предност на класниот елемент на членовите, во ноември 1928, како единствен делегат од Македонија кој ќе учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, бил избран токму Кочо Рацин.
Во пролетта 1943 година Рацин заминува во партизаните, во одредот „Кораб“. Тој станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на македонски народни песни. Но, за жал не го дочекува ослободувањето.
На 13 јуни 1943, додека се враќал кон партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, Рацин бил смртоносно застрелан од стражарот што бил задолжен да го чува пристапот кон печатницата. Трагичниот настан се случил така што, поради вродената наглувост која Рацин ја имал, не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум.
Рацин секогаш бил полетен и ведар во својот дух, зрачел од оптимизам бодрејќи ги своите другари дури и во најтешките моменти. Такви биле и неговите последни зборови, кога смртно ранет лежел на Лопушник: „Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“
Слава му!