Со отфрлањето на иницијативата на Левица уставните судии повторно ја покажаа својата сервилност
- Реакција на Политичката Партија Левица
Иницијативата поднесена од Левица во врска со неуставното, незаконското и неделовничкото разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Уставниот суд ја отфрли со образложение дека таквата Одлука не подлежи на уставно-судска контрола.
Согласно Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е орган на Републиката кој треба да ја штити уставноста и законитоста, а како надлежност на овој суд, меѓудругото, е наведено дека одлучува за согласноста на прописите (каков што беше и оспорениот акт) со Уставот и законите.
Одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Комисијата, несомнено ја суспензира законската должност на пратеникот да учествува во работата и одлучувањето на работното тело.
Скандалозно е тоа што со ваквата Одлука, се воспоставува пракса со која членувањето во работно тело при Собранието на Република Македонија би се претставувало како „јавна или друга функција“ која ја извршува пратеникот, а што е спротивно на Уставот – според кој пратеничката функција е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.
Дополнително, пратеникот не може да биде разрешен од работно тело на Собранието на Република Македонија без предлог на матичната Комисија за прашања на изборите и именувањата. Ова е спротивно на уставното начело на уставност и законитост, од причина што оспорениот акт го нарушува системот на нормативна хиерархија и овозможува заобиколување на предвидените уставни и законски норми и создава неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг.
Меѓудругото, вака изгласаната Одлука за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од страна на парламентарното мнозинство, не ги исполни кумулативно ниту сите деловнички услови за истата да се најде на Дневен ред на собраниска седница.
Со отфрлувањето на оваа Иницијатива, уставните судии повторно го докажаа нивниот сервилен однос кон властодршците, а на штета на демократијата, како и потребата за прецизирање на флоскулата “истакнати правници“.