Британските војници нема да одговараат за нарушување на јавниот ред и мир

Британски војници дојдени во земјава за последната воена вежба на НАТО на полигонот Криволак, деновиве предизвикаа серија инциденти, но нема да одговараат во Македонија, бидејќи така налага договор потпишан во рамките на стапувањето на земјава во НАТО, пишува МКД.мк.

Неколкумина британски војници деновиве беа предизвикувачи на неколку инциденти, по што завршија во полициска станица. За овие случаи МВР извести во редовните полициски билтени.

Од Министерството за одбрана велат дека поведувањето постапки и евентуално санкционирање на странските војници е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците.

„Сите војници кои доаѓаат од сојузничките земји на обуки и вежби во Северна Македонија потпаѓаат под НАТО СОФА – договорот (Договор за статус на сили), кој важи за сите земји – членки на Алијансата. Домашните институции кои имаат обврска да го одржуваат јавниот ред и мир и во случај на негово нарушување можат да интервенираат и да спречат ескалација, но нивната надлежност е ограничена. Поведувањето постапка и евентуалното санкционирање е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците”, се вели во одговорот од МО за МКД.мк.

Ниту во едниот, ниту во другиот случај, според одговорот од МО, за нив МВР не може да поднесе пријава , бидејќи како што велат, нивната надлежност е ограничена, иако во изминатиот период имаше грабеж на автомобил, кршење ресторан и напад на службено лице.

Британскиот контигент е дел од мултинационалната вежбата „Брз одговор 22″ во која се реализираат воздушни десанти во овој обем. Во воената вежба на „Криволак” учествуваат 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО.