АктуелноЛокално

Шест часовно работно време за сите работници, а не само за органите на државната управа

  • Пишува: Новица Ристески – Координатор на Левица – Правен сектор

Комплетниот систем на заштита на работничките права е функционален само на хартија, а во пракса сведоци сме на секојдневни пријави за прекршувања на основните работнички права, кои не се процесираат или делумно се процесираат. Наместо да слабее аморалната и противзаконска влијателна, разурнувачка моќ на корпорациите и елитите врз работничкиот труд, таа во пракса зема се посилен замав, грубо обезвреднувајќи го трудот на работникот.

Владата на РМ, во 2019 година донела одлука со која полното работното време на министерствата и другите органи на државната управа е скратено на 6 часа, од 08:00 до 14:00 часот. Од друга страна, обичните работници се приморани да работат по 8 часа минимум, без никаква заштита и поданичка зависност од волјата на работодавачот.

Сегашната модерна работно-професионална организација не е компатибилна со 40 часовното неделно работно време бидејќи ја саботира продуктивноста како суштински елемент на работниот ангажман.  Тоа значи дека колку природата на работата е покреативна и посложена толку е попотребно да се стави поголем акцент на приватниот живот на работникот.

Гледано во национален контекст, односите со семејството се традиционални вредности коишто треба да се чуваат и дополнително да се развиваат. Работникот мора да има  исполнет семеен и социјален живот кој ќе му помогне да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен.

Дури и компаративно гледано во неколку развиени држави во светот како Финска, Шведска, Данска, Норвешка, Јапонија, САД се преземени конкретни чекори во правец на намалување на полното работно време и праксата дава очекувани резултати.

Дополнително поткрепување на фактичката состојба се меѓународните правни акти, како на пример Универзалната декларација за човекови права, кои државава ги има ратификувано и кои задолжително предвидуваат право на работа за секој, но исклучиво под праведни и поволни услови без никаква дискриминација. Што значи доколку се  имплементира 6 часовно полно работно време за органите на државната управа тогаш редно е доследно да се почитува меѓународното право, кое сме го прифатиле во внатрешниот правен поредок и да се почитуваат практичните општествени односи и 6 часовното работно време да стане право и за останатите работници во државава.

Евентуалното законско решение во насока на намалување на полното работно време на 6 часа, ќе овозможи:
1) доследно почитување на меѓународните акти;
2) еднакви работнички права;
3) поголема продуктивност на работникот;
4) справувањето со прекувремената работа, невработеноста; и
5) заштита на животната средина преку намалени емисии на јаглерод. 

Левица како единствена работничка партија која ги штити достоинството и интересите на работниците и се залага за безусловно намалување на класните разлики во општеството, во своите програмски заложби предвидува 6 часовно работно време за сите работници, со што работничките права во тој контекст ќе бидат изедначени и унапредени.