АктуелноИнтернационално

Што остана од заедничката победа над нацизмот?

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Во врска со настаните од последните два месеци во Украина, кои што се во центарот на светската јавност, медиумите ширум светот, како и политичарите главно разговараат за прашањата поврзани со војната во Украина, или Специјалната воена операција како што тврди Москва. Главна светска тема во моментот е притисокот на санкциите врз Москва, земјите кои се приклучуваат или не се приклучуваат кон антируските санкции и на антируската хистерија, како и антируската пропаганда.

Пред само една година, во исто време, Македонците активно учествуваа во комеморативните настани посветени на крајот на Втората светска војна, вклучително и поворката на Бесмртниот полк, положување цвеќиња на спомениците на партизаните ширум Македонија, како и други свечени активности поврзани со победата на македонските партизани во Втората Светска Војна. До пред една година голем број на македонци преку разни телевизиски канали, преку интернет платформи или социјалните медиуми ја следеа Парадата на победата во Москва. Но денес ова прашање практично не е покриено во медиумите, а највисоките државни функционери даваат изјави дека функционерите и државните службеници не треба да учествуваат на комеморативни настани на 9 мај, бидејќи тие сега се директно поврзани со Русија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи дури изјави дека нема да има никакво одбележување на 9-ти мај. Овој став на официјалните власти кои воведоа санкции против Москва е сосема јасен, особено што за Македонците значаен датум во борбата против нацизмот е Денот на македонското востание 11 Октомври.

Имено победата на македонските партизани во Втората Светска Војна доведе до остварување на вековните соништа на Македонскиот народ, а тоа е создавање на своја независна држава, која што после Втората Светска Војна влезе во составот на Југославија. Македонскиот народ и патриоти, во 1941 се сплотија под барјакот на црвеното знаме, знамето на револуцијата и  победата, и го поведоа Македонскиот народ по патот на револуционерната борба, по патот до слободата. Победата на партизаните е во основата на создавањето на Македонија како независна држава.

Војна и сеќавањата за трагичните настани од 1941-1945 година се сè уште живи во меморијата на луѓето и обичните граѓани. Најголем дел од Македонците се свесни за улогата на Советскиот Сојуз во победата над нацизмот. Се разбира, поминаа 77 години од крајот на Втората светска војна и светот многу се промени, но настаните од последните месеци покажуваат дека идеологијата на нацизмот сè уште ја привлекува општата популација. Пример за тоа е баталјонот Азов чиј што грб е сличен на грбот на СС единиците на Нацистичка Германија. Во голем број на западни држави Азов претходно беше прогласен за терористичка организација, денес во истите тие држави е прогласен за речиси главен бранител на Украина, а западните политичари вешто шпекулираат на таа тема. Западните земји го вооружуваат Азов денес.

Постапките на Русија во Украина може да се оценуваат на разни начини и со право да се обвинува Русија, но и со право да се брани за одредени работи. Но факт е дека на Западот а и на Балканот, па и во Македонија, има еднострано прикажување за конфликтот во Украина, и што реално таму се случува. Пред да се одлучи за воена операција во Украина Москва 8 години чекаше Украина да ги исполни договорите од Минск, „Минск 1“ и „Минск 2“, договори каде што гаранти беа Германија и Франција.  Пред да се реши за војна, Москва 8 години се трудеше преку дипломатски канали по мирен пат да најде решение за Донбас. Но на 24-ти февруари, Москва се реши за воена операција за ослободување на територијата на Донбас, која што 8 години живееше под гранатирање од украинските вооружени сили и посебно од страна на нацистичкиот баталјон Азов. За тие 8 години загинаа повеќе од 13 000 жители на Донбас. А Западот молчеше сите тие 8 години.

Сега целиот западен свет ја обвинува Москва, меѓутоа, каде беа овие баратели на правдата за време на бомбардирањето од страна на Американците на Југославија, Либија, Сирија, Ирак и дали некој одговараше за тоа? Овие прашања се реторички, но годишнината од крајот на најразорната војна во светската историја нè турка на паралели со сегашното време и нè тера сериозно да размислуваме.