Речиси половина милион луѓе во Македонија живеат под прагот на сиромаштијата

Во изминатиот период се повеќе расте бројот на македонски граѓани коишто живеат во екстремна сиромаштија.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2020 година над 450 илјади граѓани живееле под прагот на сиромаштија во Македонија. Стапката на сиромашни лица од вкупното население е 21.8%, што е зголемување во однос на 2019 година – кога тој процент изнесувал 21.6.

Најголема сиромаштија има во четиричлените семејства со две деца кои се на возраст под 14 години. Расте прагот на сиромаштија и во самечките домаќинства – ако во 2018 година се регистрирани 97 илјади лица, сега бројката е порасната на 110 илјади.

Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 20,7 проценти, на сиромашни вработени лица е 7,9 проценти, додека на сиромашни пензионери е 7 проценти.

Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 31,4 проценти. Сиромаштијата највеќе ја чувствуваат младите на возраст до 17 години (30.3%), потоа лицата на возраст од 18 до 64 години (21.1%), додека најмал е процентот на пензионерите (13.4%), односно лица над 65 години коишто живеат во сиромаштија.

Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.

Доколку се земе во предвид економската и енергетската криза, пред се како резултат на антируската политика која ја води оваа Влада, континуираната инфлација и постојаното намалување на производство на храна во државата заради лошата аграрна политика, оваа проекција за наредните година речиси е сигурно дека ќе биде далеку полоша.