АктуелноЛокално

Левица: Власта троши 750 милиони евра во туѓи енергетски проекти

  • Реакција на Политичката партија Левица

Премиерот Ковачевски вчера од Грција повторно го промовира гасниот терминал во Александрополус, за кој најави дека ќе биде од енергетско значење во Македонија. Инвестирање државни пари во странски капитални објекти под нејасни услови е уште едно нерационално и шарлатанско однесување на оваа владејачка гарнитура, која нема никаква визија, стратегија и план за управување со државата.

За катастрофалната состојба во енергетиката, говорат ревизорските податоци, кои констатираа дека во периодот од 2011 до 2020 година,1,3 милијарди денари или околу 21,5 милиони евра, се потрошени во проекти кои не се завршени и опрема којашто не е ставена во употреба.

Во однос на проектот за модернизацијата на Блок 1 во РЕК Битола, ревизорите утврдиле дека проектот не е реализиран и истиот од 2011 година предизвикал непродуктивни расходи во вкупен износ од 1.296.211 илјади денари (околу 21 милиони евра). Најголем дел од расходите или 55% претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци кои произлегуваат од изгубената постапка.

Од друга страна, владата на СДСМ и ДУИ ќе потроши 750 милиони евра за објект кој не е во сопственост на државата. Дополнително, американскиот ЛНГ ќе биде многу поскап за македонски услови во однос на рускиот природен гас, што дополнително ќе ја влоши економската состојба во Македонија.

Повеќе од очигледно е дека се работи за политичка, а не за економска одлука, со единствена цел власта да се допадне на странскиот фактор – без никаква грижа за економската и енергетската стабилност на државата.
Ако се знае дека цената за изградба на гасна централа се движи нешто помалку од 800 илјади евра за еден MW инсталирана моќност, излегува дека државата треба за 200 MW инсталирана моќност во Грција да плати 1.9 милиони евра за еден MW инсталирана моќност – или дупло повеќе од реалната цена.

Односно, вкупната вредност на гасна централа за производство на електрична енергија, со инсталирана моќност од 200 MW, по реални цени чини 160 милиони евра, додека во случајов на Владата ќе чини 380 милиони евра.

Јавно прашуваме, во чиј џеб ќе завршат 200 милиони евра од овој бомбона бизнис?

Дополнително, пред јавноста не е презентиран никаков план за овој проект, ниту пак придобивките кои власта ги очекува од истиот, ако се земе во предвид фактот дека Грција и Бугарија се доминантни сопственици.

Оваа таканаречена инвестиција во американски гас е единствено за да се задоволат геостратешките интереси на САД во конфликтот со рускиот гас, кој е многу поповолен за Балканот. Повторно, цената за додворување на странскиот фактор и неговите бизнис-интереси ќе ја плати обичниот граѓанин.