Над илјада текстилни работнички пријавиле дека добиле плата под минималната

По последното зголемување на минималната плата се повеќе компании не ја исполнуваат законската обврска за исплаќање на истата. Веќе традиционално, едни од најпогодените се текстилните работнички од источна Македонија.

Имено, околу илјада текстилни работници од седум конфекции во различни градови од источна Македонија пријавиле дека платата што ја добиле е под законскиот минималец, соопшти Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Имаме случај на 970 работници кои добиле минимална плата од 18.000 денари, но не им се исплатени додатоците на плата. Засега ова се мали бројки, но, пријави пристигнуваат, ги комплетираме, потоа ги доставуваме до Инспекторатот за труд“, – стои во изјавата на Ампева пренесена од Фокус.

Засега стои и претпоставката дека е голем бројот на работници кои добиваат плата под минималната, или се принудени парите да ги враќаат назад на работодавачот (пракса позната од претходно), но истите ова го немаат пријавено до трудовиот инспекторат или до некој од синдикатите.

Бројката од над илјада работнички на кои им е исплатена плата под минималецот е првична, овие пријави се собрани за само пет дена.