АктуелноЛокално

Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија – 21 година од Масакрот кај Вејце

Масакрот кај Вејце се смета за најкрвавиот и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.

На 28 април 2001 година, комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили и тоа осум од Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ и осум од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера. Пред селото Селце, кај чешмата, направиле мала пауза каде се сретнале со претходната патрола, која се враќала од селото Бродец. Во разговорот им сугерирале да се вратат зашто немало потреба да одат во Вејце, но тоа не било прифатено. Дисциплинирано и професионално патролата без проблеми поминала низ селото Селце и по тесен планински правлив пат се упатила кон селото Вејце. Во околу 17:45 часот на патот помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина. Кога првите три возила навлегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористите. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. Се пукало без престанок од 17:45 до 18:20 часот. Припадниците на безбедносните сили биле изненадени и непоготвени, но сепак почнале да излегуваат од возилата и да даваат отпор, но станале отворени цели, така што многумина веднаш биле смртно погодени.

Преку мобилниот телефон Илче Стојановски, кој успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Еден близок другар на Илче има изјавено:

„Му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме.“

Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница:

„Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија“

И радиостаницата замолкна. Така загинуваат Игор Костески и Илче Стојановски. Третото возило од колоната војничкиот „хамер“ го возел потпоручникот К.К. од Свети Николе, кој наедно бил и командир на патролата. Остануваат дилемите зошто како командир на патрола, наместо во првото се наоѓа во третото возило. Потоа, зашто го земал да го вози „хамерот“ кога Роберт Петковски бил задолжен со возилото, а според кажувањето на неговиот татко Тоде, Роберт повеќепати му кажувал дека во негово присуство, за жива глава не го давал „хамерот“ да го вози друг. Покрај војничката среќа има нелогичност, како тоа К.К. го напушта возилото, ја искачува и преминува стрмнината на патот висока неколку метри, без куршум да го погоди, ги напушта колегите, се спушта до реката Пена, а потоа и до селото Селце, каде што го прифаќаат неговите колеги „волци“. Постариот водник Роберт Петковски, како совозач на „хамерот“, излегол од возилото и на самата врата смртно бил погоден во десното рамо и главата и паднал веднаш мртов.

Изгорен хамер кај Вејце

По оружениот напад кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела е направен грозоморен масакр, а тројца сè уште со знаци на живот биле живи запалени. Веднаш по осумкратното убиство, очевидци кои присуствувале на увидот потврдија дека специјалците биле ѕверски касапени и мачени со ножеви, а потоа живи запалени.

Според сведоштва на очевидец, кој успеал да се спаси од масакрот – во заседата биле неколку десетици луѓе, меѓу кои и луѓе со долги бради и ножеви со кои го завршиле масакрот до крај. Се претпоставува дека станува збор за муџахединска група, која имала свој штаб и дејствувала под команда на Даут Харадинај. Терористите убиле со пукање само една од жртвите, додека другите седум биле сечени на парчиња или биле живи изгорени. Даут Харадинај бил шеф на Косовскиот заштитен корпус, а било лесно да се идентификува, бидејќи бил без една рака откако ја загубил другата при инцидент со мина. Неговиот брат Рамуш Харадинај, исто така, е под сомнение дека е одговорен за убиствата барем на 50-ина косовски Срби.

Сашо Гилевски, припадник на Посебната единица на СВР Битола, е еден од првите кој пристигнуваат на кобното место. Тој масакрот го опишува вака:

„Истрчав, ама што да видам: Марјан, Кире и Бошко горат. Малку потаму лежеа мртви и припадниците на „Волците“, тие не беа запалени. Очигледно беше изживувањето врз нив. Беа удирани со кундаци по лицето, на еден мозокот му беше истурен, очите им беа вадени со нож. Беа потурени со газија, мирисот се чувствуваше во воздухот. Бошко и Кире лежеа еден до друг во пламен, а Марјан беше малку понастрана од нив. Гореа како свеќи.

Знаев дека Кире имаше прстен со црн камен. Марјан го препознав по висината, а Бошко по тоа што беше покрупен. Толку беа јагленисани, што кога ги подигавме на едниот му се откачи ногата. Каде и да ја ставев, раката ми пропаѓаше во месото. Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола за достојно да бидат погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат.“

Постојат конкретни сознанија за учество на странски муџахедини во масакрот кај Вејце. Имено, Али Ахмети соработувал со оџата од Слупчане, кој неодамна донел муџахединска група, а под водство на еден муџахедин што се борел во Чеченија е извршен и масакрот во Вејце. Припадниците на ОНА имале цврсти врски со исламските фундаменталисти, како финансиски, така и воени, потврдуваат странски, но и домашни разузнавачки извори. Во оваа цврста алка, која функционира повеќе години, е вклучен и политичкиот водач на албанските терористи, Али Ахмети.

Постојат документирани докази, дека масакрот кај Вејце е еднаков на предавство, бидејќи на терористите им било сигнализирано по врска дека патролата е веќе тргната и им биле дадени неопходните координати и маршрутата по која требало да се движи патролата. При пребарување на теренот била пронајдена радиостаница „моторола“, чиј сериски број укажувал дека е полициска, па оттаму сомневањата дека терористите цело време, пред и по масакрот, биле во врска со некој од полицијата.

На 19 јули 2011 година со Автентичното толкување на Законот за амнестија сторителите беа амнестирани од страна на Собранието на Македонија, со гласење на пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Речиси сите загинати во Вејце се масакрирани со тврди предмети и ножеви, им биле отсечени прсти, извадени очите, со кундак од пушка, згмечена главата и со нож бодени по гениталните органи додека биле ранети и живи, а потоа и живи запалени. Сето тоа се коси со Женевската конвенција и другите норми на војување, со што настанот е доволен доказ дека извршителите и нарачателите требаа да бидат изведени пред домашните судови, а потоа и пред меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Сите докази и материјали, во форма на дигитален запис, биле испратени до меѓународниот суд за воени злосторства. Меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за водството на ОНА во кое е опфатен и масакрот кај Вејце.

Судот во Хаг го процесуираше само случајот Љуботен, а станатите четири – Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и водство на ОНА, Трибуналот ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во Македонија. Собранието на Македонија на 24 јули 2011 година, со 62 гласа “за”, го усвои автентичното толкување на законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи, а со тоа и масакрот кај Вејце.

Меѓутоа, меѓународното право и практика не познаваат амнестија на воени злосторства, дека тие не застаруваат и дека врз нив има универзална јурисдикција. Оттука, државата може некогаш да реши повторно да ги активира и процесуира овие воени злосторства. Семејствата на масакрираните бранители, многу тешко и болно ја прифатија одлуката на пратениците, но според нив нема да дозволат крвавиот настан да избледи, да се ревидира, или да остане незабележан во историјата на македонскиот народ.

Вечна им слава на:

Роберт Петковски (27), Бобан Трајковски (28), Игор Костески (25), Миле Јаневски (30), Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Илче Стојановски (24) и Бошко Најдовски (25).