(Видео) Левица: СДСМ и ДУИ гласаа против обезбедување на стечајците
- Соопштение на политичката партија Левица.
Со 34 гласа ЗА, 42 ПРОТИВ и 1 воздржан, предлог – законот на ЛЕВИЦА за материјално обезбедување на стечајците по кратка постапка НЕ СЕ ИЗГЛАСА.
Партиите од власта предводени од СДСМ – која преку приватизацијата на јавните претпријатија ги создаде стечајците, не го прифатија ова законско решение.
На 22-ри март 2022 година, стечајните работници од ЧИК Куманово доставија барање до сите парламентарни партии за ново законско решение за обезбедување на стечајците, кое Левица го предложи пред Собранието по скратена постапка.
Сегашното решение не опфаќа 400 стечајни работници од Куманово, како и околу 2 000 на територијата на Република Македонија, иако немаме јасни статистики по ова прашање.
Овој предлог-закон ги опфаќа лицата коишто изгубиле работа по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок кои оствариле право на паричен надоместок од 1-ви јануари 1993 година, кои се невработени и се со стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата.
Предлог законот на Левица ги содржи следните промени од претходното законско решение:
-Стажот од 14 години го намалуваме на 10 години, затоа што многу од стечајците работеле без пријавен стаж и така имаме природна потреба за намалување на границата;
-Месечното обештетување да се крене од 34 отсто од просечната плата на 40 отсто од просечната плата – 12 000 денари;
-Возраста за исполнување на условите за материјално обезбедување се определува на граница од 52 години за жена и 55 години за маж;
-Наместо неколку месеци рок за пријавување по објавувањето на законот, периодот се зголемува на една година;
Стечајните работници се на возраст која не им овозможува да влезат лесно во нов работен однос и со тоа не можат да обезбедат егзистенцијална сигурност. Во тековните услови на економска и енергетска криза, неопходно е да се донесе продуктивно и конечно решение за овие граѓани, но партиите од власта продолжуваат со негирањето на проблемите на граѓаните и решенијата кои ги предложува Левица.
Владата на СДСМ и ДУИ, која континуирано спроведува политики на анти-македонизам, со гласањето против зголемувањето на надоместокот за децата со попреченост и против материјално обезбедување на стечајците, повторно докажаа дека егзистира и врз анти-работнички и анти-социјални постулати.