Решението на спорот со Бугарија може да заврши со кривично дело Загрозување на независноста

  • Фејсбук статус на Влатко Токарев – Магистер по правни науки на Кембриџ Универзитетот.

Со скоро било какво решение на проблемот кој Бугарија го има со нас ќе се стори кривично дело Загрозување на независноста. Кривичниот законик предвидува казна од најмалку 5 години затвор за секој граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава.

Доколку под влијание и притисоци од Бугарија се преземат акти со кои ќе се доведат во прашање основата и смислата на постоењето на Република Македонија (народно-ослободителната анти-фашистичка борба и посебноста на македонскиот народ и јазик), тогаш Македонија ќе биде доведена во положба на потчинетост спрема Бугарија. За ова не може да не бидат свесни властите кои би потпишале евентуален договор, со што ќе имаат и умисла за извршување на кривичното дело.

Ако нашите деца растат во вештачки бугаризиран систем и учат од школските учебници дека потекнуваат од бугарскиот народ и зборуваат на дијалект на бугарскиот јазик, тогаш многу полесно во иднина би прифатиле да се откажат од својата држава и припојат кон Бугарија. Прифаќањето на барањата на Бугарија, од кои гледаме не отстапуваат, неминовно ќе доведе до ова. Тоа бугарските власти добро го знаат и е единствена логична цел на нивните уцени.

Загрозување на независноста е кривично дело, во иста или слична форма, предвидено во скоро сите кривични законодавства во ЕУ и светот, токму со цел да се спречат вакви договори и национални предавства.

Единствен законски потег, и потег кој го заштитува највисокиот државен интерес да се зачува независноста, е да се прекинат преговорите со Бугарија сега.