Масовни протести во Пакистан против влијанието на САД за „промена на режимот“
Откако легално избраната власт на Пакистан, предводена од Имран Кан, одлучи земјата да остане неутрална во однос на конфликтот помеѓу Русија и Украина и одби да учествува во воспоставувањето на санкции кон Русија, во Националното собрание беше изгласана недоверба со која Имран Кан ја изгуби премиерската позиција. Кан го критикуваше гласањето како операција за промена на режимот поддржана од странство.
Имран Кан претходно се обиде да го распушти Парламентот за да се организираат предвремени избори, сепак Уставниот суд на земјата тоа не го дозволи, на што партијата на Имран Кан повика на протести во одбрана на суверенитетот на државата.
Сега веќе поранешниот премиер Имран Кан, на протестите изјави дека земјата се движи кон нова „борба за слобода“, оценувајќи го неговото соборување од власт како „промена на режимот со поддршка од САД“.
Демонстрациите потресоа повеќе пакистански градови, вклучувајќи го и главниот град на земјата Исламабад, каде во неделата, илјадници луѓе излегоа на улиците за да ја изразат својата поддршка за сменетиот премиер Имран Кан.
Претходно во текот на денот, Кан ги повтори своите наводи против САД, обвинувајќи го Вашингтон за неговото соборување и означувајќи го како операција за „промена на режимот“ чија цел е да се доведат на „власт група послушни измамници со кауција“.