АктуелноЛокалноСтав

„Попис“ за отпис, без пропис, со врзан потпис

  • Пишува Александар Симонов, координатор на Левица – Сектор Надворешна политика.

Минатата година во септември месец без соодветна регулатива, методологија и без добиена позитивна оценка од „Евростат“, властите спротивно на стандардите и барањата на населението, спроведе практично целосно нелегитимен попис. Јавноста на законското решение беше бесна, додека политичката елита ја користеше својата моќ за загушување на секој еден неистомисленик.

Како и да е, спроведоа нешто што го нарекуваат „попис“, се што чекаме е да чуеме по чии ноти ќе свири утре џубоксот на Апостол во Филхармонија. Ама пред неговиот џубокс да почне, да потсетам како речиси цела година се штимаше џубоксот наречен „попис“, за отпис без пропис со врзан потпис.

1. Лоша методологија

1.1. Методологијата на пописот и дефинициите секаде се законска материја, на овој попис тие беа подзаконска материја;

1.2. Методологијата не прави разлика помеѓу вкупно население и вкупно попишано население;

1.3. Методологијата нема да даде релевантни податоци кои се потребни за планирање на економијата, демографијата, индустријата;

1.4. Meтодологијата не е во согласност со општоприфатените стандарди за попис.

2. Манипулација со местото на живеење

2.1. Терминологијата за “вообичаено место на живеење” беше толку нејасна, согласно која секое место може да ви се смета за место на живеење; 

2.2. Оваа манипулација овозможи да отидете на гости и да речете „ова е мое место на живеење”, попишувачот има можност слободно да ве попише;

2.3. Овозможено беше исто лице да се попишува по неколку пати, да биде внесено како повеќе лица, да се брои како статистичка бројка, а системот воопшто да не го процесуира.

3. Правилата за попишување

3.1. Никаде во Европа не можете да се потпишете без документи, на овој попис ова беше овозможено;

3.2. Секој можеше да попише други лица без никаков документ, само со кажување на матичен број;

3.3. Други лица за вас можат да дават податоци, дури и за лични податоци, како етничка, верска и религиозна припадност (лични податоци кои, согласно меѓународните стандарди, никој не може да ги даде за вас). Ова е спротивно на Европската Конвенција и на нашиот Устав;

3.4. Самопопишување на дијаспора, операција која е целосно спротивна на секоја регулатива и создаде најголем простор за манипулација со бројките;

3.5. Дијаспората непречено се попишуваше со месеци, врз основа на правила кои се постоечка формалност и непостоечка пракса.

4. Отсуство на инструмент за контрола на попишувачите

4.1. Во мешаните етнички заедници немаше кој да ги контролира попишувачите; 

4.2. Тоа значи дека ромска населба оди Ром, во албанска заедница оди Албанец…;

4.3. Ова остави максимален простор за недоверба; 

4.4. Без инструмент на контрола беше овозможено манипулација со податоците на етникумите кои имаат отворена желба за доминација на државниот апарат.

5. Отсуство на хартиена форма на податоците

5.1. Податоците од пописот се само во виртуелна, дигитална форма, што значи за нив нема траен материјален доказ;

5.2. Податоците од пописот не се архивирани согласно Закон за архивска граѓа;

5.3. Системот овозможува лесно манипулирање, не е безбеден и само со еден хакерски напад истиот може да биде уништен или променет согласно нечија желба;

5.4. Обичен чиновник од шести ешалон кој може да дојде до електронските бази има можност да спроведува сопствена желба во пописните резултати.

6. Пракса која покажа незнаење и неумеење

6.1. Државата не можеше да најде попишувачи;

6.2. Заради недостатокот на попишувачи сите беа прифатени, без разлика дали се соодветни или не;

6.3. Голема е бројката на непопишано население исклучително заради необучени попишувачи;

6.4. Спроведено е нецелосно попишување заради неквалитетно подготвена апликација за попишување;

6.5. Систем кој паѓаше повеќе пати за време на пописот и никој не знае за релевантоста нa податоците по „оправањето“ на истиот;

6.6. Попишано е население само со ЕМБГ и уште по некој податок, заради недоволно обучени попишувачи и политичка желба да се покаже дека луѓето се попишуваат;

6.7. Oгромен број на непопишано население заради бојкотирање на т.н. попис од страна на оние кои беа свесни дека ова е отпис;

6.8. Дупло попишана дијаспора, односно дијаспора попишана и дома и во странство каде доминира само една етничка заедница;

6.9. Воопшто непопишана дијаспора.

7. Пописот е политичка, а не статистичка операција

7.1. Ниту еден од политичките чинители на малцинските заедници не застапуваше идеја во која се бара статистичка операција која ќе ја претстави реалната слика;

7.2. Претходниот попис беше неуспешен заради ДУИ и желбите за „статистичка реалност“ на претставниците на македонските Албанци;

7.3. Овој попис ќе биде успешен токму заради ДУИ и желбите за „статистичка реалност“ на претставниците на македонските Албанци;

7.4. СДСМ во овој процес не учествуваше во борба за некаква објективност, нивната единствена борба е останување на власт и зачувување на коалициониот партнер;

7.5. ВМРО-ДПМНЕ пројави индиција за објективна критика на нештата, ама не смеат да ги нарушуваат односите со ДУИ, во кого го гледаат идниот коалиционен партнер;

7.6. Стратешките партнери ги седнаа на маса и им кажа по чии правила ќе играат, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа ништо против, тие цврсто веруваат дека власта во Македонија се добива од странска амбасада, а не од народот;

7.7. Одложувањето на реализацијата на „пописот“ беше само за да се претстави некаква борба, ВМРО-ДПМНЕ беше максимално кооперативен во спроведувањето на фалсификатот;

7.8. ВМРО-ДПМНЕ предложи зголемување на рокот за реализацијата на пописот без кој неговата реализација немаше да биде успешна, со што ја потврди широката коалиција со СДСМ и ДУИ, во штета на македонскиот народ и интереси;

7.9. ВМРО-ДПМНЕ релативизираше, наместо борба за објективна статистичка операција, тие влегоа во играта на ДУИ во борба за што повеќе попишани (важен е процентот, а не реалноста); 

7.10. „Сложни монаси во петок мрсат“, владејачката трилатерала заедно протурка фалш Закон за државјанство и не само што го зголеми бројот на попишани косовски Албанци во Македонија кои немаат никаква врска со нас, туку од нив создадоа и ново стабилно гласачко тело на ДУИ кое ќе овозможи после секои наредни избори токму нив да ги уценува. Ама толку е капацитетот СДСМ-ДПМНЕ;

7.11. Што ќе каже Мизрахи, фингерпринтот се совпаѓа ли со резултатите од пописот?;

7.12. Доколку се случи најлошо возможно сценарио за Македонците и продолжи нивното истиснување од Македонија, од ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе релативизира, вината ќе ја бараат во секој друг, освен во себе.

8. Уставниот суд и уставноста на процесот

8.1. Законот за попис во многу аспекти се косеше со Уставот, ама Уставниот суд функционира по непишан Устав (веројатно се водат од морал воден од сопствените интереси и долг кон назначувачите на нивното височество);

8.2. Уставен суд со својата одлука по поднесок од Левица покажа дека не само што е соучесник, туку е и мотор на бројни незаконски процеси.

8.3. Но, Уставен суд е меѓупартиска организација, тие немат проблем да спроведат политичка волја;

8.4. Уставот партиите го менуваат, зошто Уставен суд да донесува одлуки според тоа парче хартија кога се тука партиите?;

8.5. Уставните судии се партиски претставници, зошто би застапувале интереси на парче хартија?;

9. Улогата на Бугарија во пописот се одвива зад затворени врати

9.1. Резултатите од пописот ја отвораат вратата за институционализирање на новата етничка заедница зад затворени врати;

9.2. Пописот е една од темите за кои се договараше политичката елита зад фамозните добрососедски средби;

9.3. Допрва ќе дознаеме колку „Бугари“ договориле, но тоа не затвара, тоа отвара нов децениски проблем;

9.4. Отворена е веројатноста да се соочиме со фактот дека „Бугарите“ не се застапени во државните институции;

9.5. Нов предуслов за вработување допрва ќе стане да се биде припадник на бугарската етничка заедница;

9.6. Како што Македонците од Струмица, Гевгелија или Берово се пишуваат Албанци за да бидат вработени во државно, така ќе следи нов бран кој допрва ќе ја креира новата етничка заедница;

9.7. Луѓето нема да го прават ова заради тоа што го сакаат, туку заради гола егзистенција, дека од СДСМ-ДПМНЕ само ваков начин на егзистенција останува;

9.8. Ова тивко ќе го реализираат, само треба да го обезбедат теренот и завршат со уставната промена.

10. Поддржувачите на пописот

10.1. СДСМ го спроведува и спремна е да прифати секаков резултат затоа што не ја боли уво за Македонија, во интерес е власта;

10.2. ВМРО-ДПМНЕ го подржува од очај, поважно им е да се допаднат на ДУИ и една од амбасадите, отколку да се допаднат на Македонија;

10.3. ДУИ го поддржува затоа што знае што прави, Тиранската платформа си ја спроведуваат на сметка на „умешноста“ која ја практикуваат претходните две;

10.4. Стратешкиот партнер поддржува се што не му ја загрозува контролата над секој политички фактор во државава, не им е важно дали е Македонија или Северна, не им е важно ништо поврзано со македонскиот народ, единствено им е битен нивниот интерес и контрола. Ваквиот попис дополнително ќе им овозможи тоа.

10.5. Пописот го поддржа Рама, Харадинај и останата елита која живее за средновековните идеи;

10.6. ЕУ премолчно го поддржа пописот и пак си направи грешка! Во нив и „Стратешкиот партнер“, македонскиот народ очекуваше спас, не само за овој, туку и за многу други процеси; Застанете спротивно од македонскиот интерес, како во скоро секој претходен, така сега, веројатно и во секој иден процес. Битно имате аргумент обвинувајте за руско влијание во државата и онака само за толку ги бидува;

10.7. Подршката и агитирањето на функционери од Косово е само потврда повеќе дека пописот е фингиран.

11. Неподржувачите на пописот

11.1. Тие се единствените кои влегоа во битката со владејачката трилатерала;

11.2. Етикетата залепена на нив беше националистичка, ама по конфликтот во Украина ќе биде заборавена и ќе бидат наречени русофили, бидејќи т.н. руското влијание е новиот тренд за етикетирање;

11.3. Неподржувачите на пописот покажаа дека се на вистинската страна, а со нивното дејствување беше овозможено да се изнесе до јавноста што тоа се прави во трулот систем;

11.4. Единствени се кои инсистираа на статистичка операција која гарантира објективни резултати, наспротив спроведуваната политичка операција по желба на политички лидери;

11.5. Разобличена е широката коалиција на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ под покровителство на една од амбасадите во Скопје;

11.6. Имаа клучна улога во уште едно откривање на улогата која ја имаат ЕУ и стратешкиот партнер во разобличувањето на Македонија;

11.7. Активно ја подигнаа свеста дека политичката елита нема допир со народот и дека тие не го застапуваат народниот интерес;

11.8. Единствени се кои учествуваа во борбата за рамноправност, сите останати борби беа за доминација;

11.9. Дел од неподржувачите беа мали политички субјекти кои повикуваа на попис, откако  го почуствуваа пулсот на народот се префрлија на оваа страна. Додуша задоцнето и без некој ефект, ама добро е барем се освестија;

11.10. Патриотите кои пописот го гледаа како натпревар за што повеќе попишани во неподржувачите на „статистичката операција“ ќе ја бараат вината.

Како и да е, караванот проврвува, се видовме барем кој на која страна е! Останува последниот чин од политичката претстава да го проследиме во Филхармонија, под режија на човекот кој што сам за себе соопшти дека е „државен непријател“. Мислам навистина е нејасно како очекува да заврши кога ја спроведува волјата на ДУИ под покровителство на СДСМ-ДПМНЕ, ама сега е најмалку важно како ќе заврши тој, важно е каква судбина и правци на функционирање и скроиле тие на Рамковната ни Македонија.

Да не заборавиме од променети симболи, Преспански, Приватизација, Денационализација, Рамковен, Територијална поделба, до спроведување на попис, најавување нови промени во Устав, протнување на ревизија на историјата, фуснота на македонскиот јазик и што ли уште не, што го загрозува битисувањето на македонскиот народ е поддржано и под покровителство на Стратешкиот партнер, европското божество и меџународната.

Ако чувствувавте малцинска тиранија врз мнозинството, спроведувана преку етно-трибалистичките политики од одредена политичка номенклатура на кои елитата веднеше глава, после ова тргнуваме кон нови димензии на кулминација, ама за лекциите и последиците во наредна прилика. Може од објаснување за последиците и ќе нема потреба да се дискутира, зошто уште од утре ќе се чувствуваат.