АктуелноЛокално

ЈПК Брегланица Делчево наплаќа услуги од граѓаните кои не ги извршува

  • Реакција на Левица – Делчево

Во Програма за работа на ЈКП “Брегалница”- Делчево за 2022 година како приоритетни активности се наведуваат расчистувањето на дивите депонии во градот и одржувањето на јавните зелени површини, но сликата на терен потврдува дека комуналното претпријатие е далеку од ефикасно во извршувањето на своите работни задачи од секторите комунална хигиена и градско зеленило.

На 28.02.2022 година, Советот на Општина Делчево даде согласност за висина на надоместокот за одржување на паркови и јавно зеленило во општината во износ од 40 денари месечно, со што им се наметна дополнителен трошок на граѓаните. Оваа услуга комуналното претпријатие ја наплаќа од граѓаните, но не ја испорачува!

Во Буџет на Општина Делчево за 2022 година, за заштита на животната средина не се предвидени доволно финансиски средства, иако во предизборната кампања “Најдоброто за нашата општина” тоа го истакнуваа како врвен приоритет. Наместо со предвидување финансиски средства, работна ангажираност, конкретни планови и проекти, Општина Делчево има поставено неколку табли низ градот со пораки за значењето на здравата животна средина кои се опколени со комунален отпад.