Левица: Системски проблеми на лицата со бубрежни заболувања

  • Реакција на Левица – Здрвствен Сектор.

Приватизацијата на дел од дијализа центрите во државава, целосното затворање на друг дел од истите, неможност за закажување на термини и стигматизација на органодарителството се само мал дел од системските предизвици со кои се соочуваат бубрежно болните во Македонија.

Секоја година бројот на бубрежно болните во Македонија расте, па наредната година системот добива уште 400 пациенти кои имаат потреба од дијализа. Но, дали системот работи на решенија за квалитетна здравствена заштита на овие пациенти?

Аквиризацијата на дијализа центрите од неколку приватни „провајдери“ на здравствени услуги нè води единствено до намалување на квалитетот на здравствената заштита и експлоатација на медицинскиот персонал од страна на сопствениците блиски до власта! Понатаму и подготвеноста со високо-образуван кадар е речиси непостоечка кај приватните дијализа центри.

Доколку пациентите имаат потреба од мислење од специјалист или субспецијалист нефролог, сепак мораат да го побараат истото во некоја од државните болници или пак во приватните клиники каде ретко кој може да си ги дозволи услугите.

Јавно-приватното партнерство за центрите за дијализа почна на 15 февруари 2014 година. Од тогаш до денес, се зголеми и сомнежот дека постапката за доделување на концесиите е нетранспарентна и фаворизира одредени правни лица кои се блиски до актуелната власт.

Во еден период, дури Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и отвори предмет за доделувањето на концесијата за центрите за дијализа. Постапките се спроведуваат на нетранспарентен начин, при што познати меѓународни провајдери со поголемо искуство и подобра подготвеност се ставени во подредена положба.

Зошто во Македонија е сè уште стигматизирано органодарителството? Дополнително, образовниот систем во државата не става акцент на важноста на органодарителството и крводарителството, како што би се подобрило знаењето кај младите за можноста и племенитоста на дарувањето на органи, крв и крвни деривати!

Во знак на месецот на зелената панделка, Март, нашиот здравствен сектор потсетува и дека квалитетот на животот на населението е значаен фактор во развојот на бубрежните заболувања!

Постојат голем број на клучни прашања и предизвици во справувањето со хроничните болести на бубрезите кај ранливите популации: лошата хигиена на водата, недостаток на хидратација, нездрав избор на храна и пијалоци, јазични бариери, нивото на образование и писменост, ниски приходи, невработеност, недостаток на соодветно здравствено осигурување, како и одредени културно-специфични здравствени верувања и практики.