Мејер од Софија: Освен Уставот – Македонија мора да ги промени и учебниците

Францускиот предлог е плод на колективен труд на сите земји-членки на ЕУ и Македонија треба да ги направи уствните имени, а колку повеќе земјата го забавува овој процес, толку повеќе го забавува и членството во ЕУ, рече во интервју за БГНЕС, амбасадорот на Франција во Софија, Жоел Мејер.

Жоел Мејер, зазема улога на судбоносен судија за Македонија и откако Франција бараше државата да го промени името за да отпочне преговори со Европската Унија, неколку години подоцна смета дека ова не е доволно, па вели Македонија мора уште еднаш да го промени не само својот Устав, туку и своите учебници!

„Така што Македонија не е исклучок и таа треба да ги спроведе реформите. Францускиот предлог дозволи да се создаде перспектива за Северна Македонија затоа што во интерес на сите соседи на земјата е да имаат сосед кој одговара на европските стандарди. Во оваа смисла Македонија треба да го промени Уставот и ако Скопје го прифати ова, тогаш може да сметаме дека Скопје гледа поголема причина да се присоедини кон ЕУ. Сметам дека сега треба да се засили дијалогот и да се промени што побргу Уставот. Ако не го направи тоа, правилата на играта се јасни – рече амбасадорот Мејер.

Тој потсети на Договорот за пријателство и добрососедство кој беше потпишан помеѓу Македонија и Бугарија и додаде дека децата во Македонија треба да ја учат од учебниците направени од Историската комисија за заедничката историја, а не да ја учат македонската историја како до сега.

Тој договор вклучува и гарантирање на правата на Бугарите во Македонија. Мислам дека тој функционира и од него произлегоа решенија за засилување на економските и културните врски. Тука мислам и за заедничката историска комисија која цели да се постигне консензус во заедничката историја на двете страни и да се реализира идејата според која во даден момент ќе се напишат учебници кои ќе споделат иста визија за заедничката историја – додаде амбасадорот.