Погубено 81 лице во егзекуција спроведена од Саудиска Арабија
Во саботата, Саудиска Арабија погуби дури 81 лице, меѓу кои младинци од Јемен и Сирија, а дури 41 од погубените затвореници се со потекло од Ќатиф, Бахреин, регион во кој е познато дека има доминантно шиитско население.
Последната масовна егзекуција во Саудиска Арабија беше извршена во јануари 2016 година, кога 47 лица беа убиени, меѓу кои и истакнатиот шиитски свештеник, Нимр ал-Нимр.
Ваквата одлука на Кралството наиде на осуда и од страна на Светската унија на правници муслимани, која е активна организација под надзор на Светскиот форум на школите за исламска мисла. Унијата, ваквата одлуката ја нарече „бесрамната и брутална мерка на Ал Сауд за масовно погубување на млади од Саудиска Арабија, Сирија и Јемен во еден ден.“ Во дел од соопштението Унијата се истакнува и лицемерието на Западните медиуми, велејќи
…иако бесрамниот чин е направен во услови на молк на Западните медиуми, преправајќи се дека ги поддржуваат човековите права, оние кои ги загубија животите ќе бидат засекогаш во главите и срцата на милиони муслимани“.
Инаку, оваа одлука на саудиските власти доаѓа во време токму кога САД и Велика Британија се додворуваат на Саудиското кралство под притисок на условите во кои се продлабочува глобалната енергетска криза. Цените на нафтата достигнаа рекордно ниво откако САД го забранија рускиот увоз и Западот ја санкционираше Москва поради кризата во Украина. Па сега, со надеж за намалување на притисокот од пазарните цени на нафтата, Велика Британија и САД, како добри соработници со кралството, се обидуваат да влијаат во насока на тоа да се зголеми производството на нафта.
Се верува дека и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, се подготвува да замине во Ријад на разговор за извозот на нафта, поттикнат од условите на тековната криза. На критиките кон премиерот Џонсон во однос на соработката со Саудиска Арабија, со оглед на досието за човекови права кое кралството го има, неговиот портпарол, бранејќи ја позицијата на премиерот, истакна дека и покрај неповолната состојба со човековите права во Саудиска Арабија, тоа не е пречка во исто време да има економска соработка со земјата.
Саудиска Арабија, како традиционален сојузник на Вашингтон, е позната како еден од најголемите откупувачи на оружје од САД. Последниот договор за купување на оружје од САД од страна на Саудиското кралство изнесуваше дури 110 милијарди долари.