Левица е единствена партија која се бори против приватизацијата на езерото Младост, советникот Смилев со јавно обраќање

Градоначалникот на Општина Марко Колев кој во предизборието ветуваше и се залагаше да го заштити крајбрежјето на езерото Младост, заедно со останатите советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на дневен ред за наредната Седница на советот го ставија урбанистичкиот план согласно кој се распродава земјиштето околу ова езеро.

Се распродава земјиштето кое претходно беше изгорено во пожар и кое требаше да биде пошумено одново. За оваа точка да се најде на дневен ред имаше обид и претходно, тогаш советниците од Левица ја стопираа узурпацијата на езерото, по што беше изнесено барање до локалните власти за спроведување на референдум, каде граѓаните ќе се изјаснат дали сакаат да го отуѓат парчето земја кое им припаѓа ним.

Денес, оваа точка повторно е ставена на дневен ред, а по се изгледа дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ имаат договорено мнозинство со кое ќе ја изгласаат измената во овој урбанистички план. По тој повод, долгогодишниот еко-активист, планинар, претседател на еколошката организација „Green power“ и советник од редовите на Левица, Игор Смилев, јавно се обрати до Градоначалникот и Претседателот на совет во Општина Велес.

„Јавно обраќање до градоначалникот на Велес Марко Колев, и до претседателот на Совет на Општина Велес, Зоран Љутков.

Драги пријатели, во понеделник (31 јануари) ја закажавте 8-мата седница на Совет. Од многуте важни точки на дневен ред, за мене лично, суштинска е онаа со која вашето мнозинство предвидува отуѓување (продажба или приватизација) на дел на Езерото Младост кој се наоѓа над самиот асфалтен пат. Се работи за супер атрактивен општински имот кој ќе го купат луѓе кои имаат многу пари.

Класика. Приказна која ја читаме и ја живееме како реалност во последните 30 години. И тука не гледам проблем. Идеологијата на светото тројство ДПМНЕ/ДУИ/СДС е таа. Поданици на Парите, бизнисот и профитот. Ќе си го продадете општинскиот имот за грст златници. Ок е тоа. Не се менува карактер и начин на владеење. Капа долу за истрајноста на вашиот карактер и опстојот на вашата идеологија.

Знам, од продадените плацеви на езеро, Општината ќе прибира данок и од него ќе бидеме побогати, попросперитетни, почисти, помалку загадени, попошумени, посигурни, еколошки напредни и т.н.

Знам, јас сум тој лошиот кој не сака нов данок да се слева во општинската каса. Јас сум тој проклет реакционер кој не препознава авангарда, туку залутал во ретровизорот на својот живот и во оковите на утопизмот. Јас сум урбанистички лаик кој не разбира носење редовна програма за урбанистичко планирање на која ете и дошол денот да се реализира со ненадејна заинтересираност за продажба.

А да, јас сум од Левица, а тие ОД ЛЕВИЦА нели знаат само да мрчат, да критикуваат, да навредуваат. Некултурни, непрокопсани, невоспитани едни. И да, веројатно сте во право. Такви сме. Ама, карактер јбг. Како вашиот, така и нашиот карактер не се менува. И да, не грижете се, ќе си го изгласате во понеделник сето ова. Заедно со тврдокорните вмровци од ДУИ.

Седницата секако нема да оди во живо, ќе биде on line, оти нели корона владее, па на раат ќе си го одработите она кое се бара од вас со совршено алиби. А после репризирајте си ја седницата колку сакате. И онака резилот и глупоста заслужуваат да се видат повеќепати.
И онака сме навикнати на репризи – Бабуна, Водно, Езеро Младост, Шар Планина, Бреза, Огражден, Беласица, Кожуф…

Башка, не заборавајте, огромен број луѓе и еден куп фирми после големиот пожар даваа пари за пошумување на езерото, а не за градење. Е, ама нивните пари не носат данок за градот.

Ах да, за малку ќе заборавев зошто ВИ се обратив вам. Сетете се драги мои кога за време на предизборната кампања (октомври 2021) вие двајца стоевте на брегот на езерото Младост. Гледавте кон другата (поурбана страна) на езерото. Со гнев и жал констатиравте пред четворица сведоци (ако ни дозволите и ќе ги повикаме на седница) дека никогаш повеќе нема да дозволите понатамошно урбано уништување на езерото. Едноставно, се згрозивте од глетката наспроти вас.

Три месеци после тоа (31 јануари) ве згрозува, или ве зачудува ставот на Левица за референдум по ова прашање. Нашите универзуми се сурово различни. Со различни очи гледаме на светот. Се ќе помине, другари мои. И убавото и грдото. И она што го сакаме, и она што не го сакаме. На крајот, Ве поздравувам со еден прекрасен стих од Руми:

‘Нека вашата добрина биде како дождот,
на кому е сеедно врз кого ќе падне’

-Ако веќе грешите, барем останете добри.“