150 години Делчев: Симбол на македонскиот патриотизам, независност, идентитет и слобода.
- Пишува: Jeкатерина Пирковска – трета година студент на факултетот по Меѓународни Односи при Санкт-Петербургскиот Државен Универзитет.
Зборувајќи за Гоце Делчев и неговата приврзаност кон Македонија, може да се оцени дека тој е еден од најголемите патриоти кои решиле да го дадат животот за ослободување на Македонија од непријателите. Прифаќајќи ги принципите за созревање на револуционерна организација, тој се залагал за најголемиот: „Да се постигне Автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турција туку и од Србите, Грците и Бугарија. Оцртани еднаш границите на Автономна Македонија, Србите, Грците и Бугарите веќе не ќе можат да бараат делови од неа. Наша задача треба да биде да ја споиме Македонија цела, а тоа може да биде преку една Автономна Македонија.’’
Во личноста на Делчев може да се препознаат сите идеали кои ги носи еден македонски патриот. Периодот кога Бугарија изрично го забранувала секое социјалистичко и револуционерно движење, а поборниците во ова движење ги оценувала како антидржавни разбојници, Гоце Делчев се спротивставил на бугарските власти, заедно со Димо Хаџи Димов и дружината објавиле декларација во која изрично своите идеали и борба ги одвојуваат од бугарските заложби.
„Ние не мислиме за Бугарија, но ќе ја чуваме Македонија. Немојте вие да мислите на Македонија и чувајте си ја Бугарија„ се зборови на Делчев преку кои тој јасно ги изразува своите ставови кон Бугарија.
Најголемите непријатели за Македонија тој ги гледал во лицето на турските владетели, европските империјалисти и балканските окупатори, особено ги презирал бугарските влади и дворецот, кој единствено ги искористувал македонските страдања. Македонците кои служеле на бугарските власти, Делчев ги сметал за предавници на својот народ. Како срце на македонската револуционерна организација, неговата смрт претставувала „загуба која ќе биде непроценлива за иднината на востанието“.
Само неколку години по прогласувањето на независност на Македонија, Бугарија радикално го промени својот надворешно-политички курс и политиката кон Македонците и „македонското прашање“, отварајќи го и прашањето за „заедничките историски личности“ се обидува македонските револуционери и национални херои да ги претстави како свои.
Денес, македонскиот национален херој Гоце Делчев го слават и величат во Бугарија. Но, несомнено е дека по примерот на неговите идеи, постапки, храброст и патриотизам се создаде слободна и независна Македонија. Неговите идеали и принципи и денес се интегрален дел од македонскиот патриотизам.
Вистината дека ниту еден друг народ не пострадал повеќе од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот, по повеќе од сто години останува непроменета. А, мислата дека за ослободување на Македонија можат да помогнат само македонците и дека помошта од другите е лажна, останува да важи и денес, апсолутно, без ни малку да го промени своето значење.
Се додека постојат Македонците неговото име ќе се слави, вреднува и почитува! Делчев засекогаш ќе остане симбол на македонскиот патриотизам, независност, идентитет и слобода.
Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.