Левица – Охрид: За рекламирање по медиуми СДСМ во Охрид потрошила над 200 илјади евра
- Реакција на Левица – ЛО Охрид.
Расипничкото трошење на претходната власт на СДСМ, на чело со поранешниот градоначалник Константин Георгиески, натовари на грбот на охриѓани долгови од 20 милиони евра.
Покрај другите долгови ТВМ Охрид обелодени документација за трансфер на средства кон одредени медиуми и тоа:
–Ohridsky.com (СОС Балканмедија, СОС Балканика, Балкан Медија Скај) – 4 244 406 ден.
–Ohrid1.com (Мегастар продукција ДООЕЛ ЛТ Трејд ДОО) – 3 104 606 ден.
–tvm.mk – Телевизија ТВМ (Портал ТВМ ДООЕЛ ТРД ТВМ) – 3 103 400 ден.
–Ohridvest.com (Фото и видео продукција ) – 1 325 000 ден.
–Ohridnews.com (НИМО ДОО) – 1 325 000 ден.
Вкупниот износ на потрошени средства кон медиумите изнесува 229 000 евра, исплатени до декември 2021 година, кој не е конечен, бидејќи постојат важечки договори склучени од претходната локална власт, за кои следуваат исплати. Само еден пример, поранешната директорка на ЈП Градски пазар во мај 2020 година, склучила договор со СОС Балкан Медија, односно со ohridsky.com, на период од 3 години, односно до 2023 година.
Во услови на пандемија, кога илјадници граѓани ги изгубија своите работни места, илјадници семејства останаа без егзистенција, поранешната локална власт на СДСМ, во наследство на новата локална власт, и’ остави долг од 20 милиони евра, износ кој не е конечен, бидејќи секојдневно пристигнуваат нови фактури за наплата.
ЛЕВИЦА Охрид бара одговорност за секој функционер од претходната власт, кој со своето незаконско работење ги оштетил граѓаните на Охрид и ја злоупотребил функцијата за свои лични интереси.
Не може функционерите по завршувањето на мандатот само да ги напуштат удобните фотељи, без притоа да понесат одговорност за своето незаконско работење. Време е веќе конечно некој да одговара за расипничкото трошење на парите на охриѓани.