Последната битка за Матејче – Последната и за Александар Серафимов од Свети Николе

2 јуни 2001 година. Малкумина од граѓаните се запознати со жестокоста на уличните битки кои со денови ги водевме во село Матејче. Борбите ги опишав и во мојата книга, но притоа го поштедив читателот од немилите слики кои таму ги доживеавме. Еден тенк кој не ни го уништија во битките, се’ уште добро пркосеше на стотината терористи кои од само педесетина метри не’ напаѓаа со се’ и сешто.

Ние неколку десетици, помалубројни. Но толку храбри и занесени во оловото и љубовта кон Татковината, не ни забележавме дека сме ослабнале со килограми.

Ненаспани, прегладнети. Секојдневно по неколку соборци ни беа ранувани. Таа приквечерина започна една голема и нерамна битка. Ечеше кумановско поле. Ја чуствував жештината на оружјето. Изгореници и затнати уши. Без да ми ја забележат мислата другите соборци, повремено се прашував дали ова има крај. Си замислував шише со ладна, свежа вода. Да ни ги олади грлата. Ги мислев најблиските, беа загрижени.

Ги лажевме дека сме во базата, на мирно. А пред ова Танушевци, Тетово… после ова Арачиново, па Радуша.. И се така со месеци и години. Но бевме решени да издржиме до крај, без разлика колку сево ова ќе трае. И да напоменам. Не бевме ние платеници во вистинска смисла на зборот, како што тоа денес сакаат да го прикажат оние кои тогаш ни свртија грб.

Одговорно тврдам дека од највисокиот државен врв во тоа време (премиерот, министерот и неколку функционери на министерството) во неколку наврати бевме замолувани да истраеме во борбата и во тоа невреме а благодетите ќе ги почуствуваме во годините кои се пред нас. И навистина ги почуствувавме. Особено оние кои ден денес се’ уште се на улици, и регулираат раскрсници низ градов. Свирежи на куршуми и гранати. Ползење, претрчување. Во еден момент најдов закрила позади една штала.

Смрдеата од убиените животни беше неподнослива. Стопанот го замислував како вреден и чесен човек. Си ги беше наредил цепените дрва, како војничиња. Упатив неколку долги рафали во покривот на соседната куќа од каде бевме нападнати. Се поткачував на една цигла за да ја префрлам високата ѕидана ограда. Пред мене не гледав ништо, темнина. Тогаш, силни експлозии одекнаа во дворот. Силината на ударот ме фрли на земја. Право во дрвата. Се најдов покриен од дрва, гранки и прашина. Не слушав ништо. Кратко време беше во прашање. Наеднаш слухот ми се врати. Викотници. Неколкумина од браќата бараа помош. Дел пак тоа неможеа да го сторат. Лежеа на сувата и изгорена земја, со тешки повреди.

Разнесена рака, разнесен стомак. Раскрвавени лица. Носилки и викотници. Експлозии и пукотници. Се се беше измешало. Чуствував жал за моите браќа, душата ми се стегаше. Помагаше секој, колку можеше, колку знаеше. Луѓето беа носени кон најблиските болници. Пред нас беше тешка ноќ. Но и уште потежок ден кога се префрлавме на нови и поопасни позиции во и околу селото.

Александар Серафимов (†21) беше еден од најмладите борци на тој фронт. Но и еден од најхрабрите борци кои Македонија некогаш ги имала. Борец со кого би се гордеела било која специјална единица ширум светот. Јунак невиден. После неколку месеци тој ја изгуби битката со тешките рани. Не напушти, како што тоа го сторија и стотина други. Премлади…

Вечерва возејќи се во автобус, седнат до еден непознат чичко кој по цел пат ми збореше дека имал проблеми со синот, после толку години, се запрашував: Што е поболно, раната на телото или раната на душата? Но немав одговор, зошто имав ксмет да не бидам ранет. Но затоа, имав и имам лош ксмет, денес, да ги гледам јасно и гласно оние кои тогаш, додека моите браќа крвавеа, додека сонував за голтка ладна вода, 15 години да ја водат мојата Татковина.

Оние кои тогаш кога Македонија беше пред најголемата опасност, седеа како волови по скопските кафулиња и играа спортска. Оние кои се сончаа на Егејот, на Охридот…
Оние кои тогаш беа од спротивната страна на нишанот. Сите тие денес заедно, на куп, да ги гледам како овие 15 години ми ја водат и распарчуваат мојата држава.

Државата за која загина Александар и други мои, наши браќа. Луѓе – изроди на родот, кои денес ме гледаат во очи и цинички ми се смејат, луѓе кои владеат со мојот народ. Луѓето кои ги трошат парите на идните генерации. Кои не се поклонуваат пред делата и ликот на великаните, на големите херои…

Порачувам, пред да заминеме во далечното минато, во антиката, во турското, да се присетиме на блиското минато и без страв и без предрасуди да се поклониме пред ликот и делата на наследниците на нашите револуционери, партизани. На жртвите од 2001 година, на жртвите од 2015 година. На сите оние кои искрено и чесно се бореле за својата земја и за својот народ.
ПОЧИТ ЗА ХЕРОИТЕ!

  • Тони Ангелески – Автор на книгата „ Аманет“ и Бранител во 2001 година.