АктуелноЛокално

Во буџетот за Делчево предвидени – 0 денари за детски градинки и 6 пати поголем износ за патни и дневни расходи на градоначалникот

Согласно регулативата, во месец декември, советите во Општините ширум државата треба да ги изгласаат буџетите на Локалната самоуправа. Традиционално, изгласувањето на буџетот за наредната година секогаш предизвикува најмногу полемизирање, дискусии и дебати во рамки на Советот.

Советникот на Левица во Општина Делчево, Сања Николовска, денес, на својот фејсбук профил објави статус во кој ги открива ставките од буџетот кои ги предлага владејачкото мнозинство.

“Најдоброто за нашата општина” во својот предлог Буџет за 2022 година предлага: 0 денари за противпожарната заштита; 0 денари за детски градинки; 0 денари за библиотеката; 0 денари за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадни води; 0 денари за развој на туризам; 3 пати помалку средства за заштита на животна средина; 3 пати помалку средства, од претходната година, за изградба и реконструкција на локални патишта, улици и мостови; помалку средства, од претходната година, за поправки и тековно одржување на патишта; 2 пати помалку средства, во споредба со претходната година, за поддршка на локален економски развој (само 3.495.000 денари).“

Воедно, советникот од Левица ги сподели и ставките за кои е предвиден поголем износ споредено со претходните години.

„За таа сметка се предвидени: 6 пати поголем износ за патни и дневни расходи на градоначалникот; 6 пати поголем износ за патни и дневни расходи на општинската администрација; дополнителни 3,5 милиони денари за дополнителни вработувања во администрацијата; 25.443.000 денари за плати и надоместоци на општинската администрација.“

Дополнително загрижувачки момент од ставките предвидени во буџетот на оваа општина Николовска гледа и во прераспределбата на средствата предвидени за социјални категории споредено со средствата предвидени за невладините здруженија.

„Не е предвиден задоволувачки износ на средства за подобрување на положбата на социјално ранливите категории и намалување на сиромаштијата! Оваа година, исто како и претходната, повторно повеќе слух има за финансирање на екскурзии на невладините здруженија, отколку за децата, старите и изнемоштени, болните и корисниците на гарантирана минимална помош.“