Али Ахмети со статус за “прстенот на нацијата Тирана- Скопје-Приштина”

Лидерот на ДУИ преку фејсбук – статус ја поздрави одлуката на Уставниот суд да не отвори постапка за американско – турската корпорација „Бехтек и инка”, која без тендер ја доби изградбата за Коридорот 8 и Коридорот 10. Ахмети напиша дека не постојат повеќе правни пречки за реализација на најголемиот инфраструктурен проект и дека “прстенот на нацијата Тирана- Скопје-Приштина станува реалност”.

За ова реагираше и членот на Президиумот на Левица, Јована Мојсоска, која напиша дека ова е отворен повик за федерализација.

„Али Ахмети ја поздрави одлуката на Уставен суд со што се одобри градењето на коридорот без тендер од страна на корпорацијата ,,Бехтел и Инка” – позната по НАЈСКАПО изградениот автопат во Косово. Истата фирма во 2019 година ќе плати казна од 125 милиони долари на американската влада, поради наплата на фиктивни часови на работа, кои никогаш не биле реализирани.

Ахмети оваа одлука ја поздрави со прстенот на НАЦИЈАТА – Тирана – Скопје – Приштина, како дел од процесот на федерализација кој ДУИ отворено го гради низ годините (преку паралелни универзитети, министерства, театри, судови, академии, општини…). Ова е јасен повик кон идна великоалбанска држава, додека затупените либерали оперирани да ја видат моќта која го храни етно-шовинизмот на ДУИ, плачат за опасноста од импотентниот македонски национализам.”