Директни сведоштва околу бугарското администрирање

„Кога се слушнало за апсењето на Мирче и Страшо, Вера Ацева се сретнала со братучеда и’ Вера Оровчанец во Скоје. „ПК е известен дека Мирче и Страшо се фатени во Велес. Ние се сомневаме во тие вести бидејќи не се знае сигурно дали се фатени. Добро е да појдеш во полиција. Претстави се дека си сестра, разбери што можеш.“ Вера Оровчанец веднаш пошла во станицата. Кога полицајците дознале зошто е дојдена почнале да ја распрашуваат. „Ви кажав дека сум му сестра на Мирче Ацев и низ Прилеп се пренесоа гласови оти е брат ми затворен“. „Ние не знаеме дали е тој што велиш брат ти или не, но ние фативме двајца големи комунистички водачи , ама молчат, ниту имињата не си ги кажуваат. Едниот умре!“

Од полицијата Вера оровчанец отишла да се сретне со Вера Ацева позади црквата Св. Кирил и Методиј. И кажала што дознала и решиле сега да појде во болницата, во мртвечницата да го побара Мирче. Кога чуварот дознал за што е дојдена не ја пуштил внатре. Од болница оди кај другарка која го поддржувала НОБ и таму им раскажува што се случило. Мајката на другарка и’, Пара Деспотоска вцеднаш тргнува со неа повторно во болницата. Го молат чуварот да ги пушти. По долго молење, плачење и ветување пари тој ги пушта внатре. Вера влегла прва. Од глетката што ја видела внатре, нафрлани трупови еден врз друг со искршени раце и нозе се онесвестила. Ја извадиле надвор. Откако се освестила повторно влегле внатре и почнале да ги превртуваат труповите. Мирче и Страшо не биле меѓу нив. Чуварот им рекол да погледнат и во фиоките. Почнале да отвараат. прво се појавило телото на Страшо. Солзи почнале да и течат а се давела да не пушти глас. Да не вика силно… силно. „Значи ова е брат ти“? „ Не, не ова е другарот на брат ми.“ Во другата фиока било телото на Мирче. Останала занемена. Телото било отчовечено, одличено. Главата смачкана, ноктите откорнати, фалле прсти на рацете и нозете. Го познала по праменот коса и пуловерот што го носел. Не издржала. Се фрлила врз трупот. Чуварот кога видел дека го нашла Мирче почнал да ги брка. Стоеле како скаменети. Повторно почнале да молат. Сега за да го земат телото. „Ние сме многу богати…многу! Само кажи колку?! Ако дозволиш да го подигнеме телото ти ќе бидеш позлатен и никој нема да дознае“. На крај чуварот се сложил утредента в зори да им го даде телото. Му ставиле неколку банкнот во џебот и му ветиле уште многу пари.

Вечерта Вера Ацева и Вера Оровчанец се сретнале во куќата на Ацо Петровски. Таму го испланирале преносот на мртвото тело на Мирче. Вера Оровчанец ноќта ја поминала кај Ристо и Пара Деспотоски. Ристо набавил ковчег и бидејќи бил таксист веднаш рекол дека тој ќе го пренесе телото до Прилеп. В зори, на 13 јануари, Вера и Ристо отишле пред болницата. Му дале неколку илјади лева на чуварот, го земале телото и тргнале кон Прилеп.

Претпладнето, на Василица низ Прилеп се шепотела црната вест. „Мирче е убиен“, „Мирчета го донесоа“, „ Ја виделе братучеда му Вера од Оровчаните во автомобилот што дошол по влашко џаде и носел мртвечки сандак“. Вера веднаш се упатила во домот на Мирче и кон сопствениот дом во Ѓогдере. Таму биле двете сестри Цветанка и Менка, братот Димче кој бил времено пуштен од интернација и братучедот Киро Оровчанец. Родителите не биле тука. Биле интернирани во „старите предели“ на „превоспитување“. Од постарите дома ги дочекал вујкото на Мирче и татко на Вера и Киро, Никола Оровчанец, кој само пред еден месец се разделил од Мирче пред дуќанот на Хамди Алидин во Скопје. Вера со последни сили се простила од мртвото тело на Мирче и избегала во прилепските кории. По неа веќе трагала полицијата. Никола почнал со подготовка на погребот.


Требало брзо да се дејствува зашто полицијата била на пат. До гробот го следеле само Киро и Никола Оровчанец. Сите други роднини или биле во партизани, или во интернација или не смееле да се појават. Сепак скоевската младина не дозволила да не го испрати Мирче до вечното починалиште. Се наредиле по прилепските улици и немо и со спуштени глави со поглед ја следеле поворката со мртвото тело до градските гробишта.“

Фејсбук статус на Елена Оровчанец-Спироска.