Од сјајот на КПМ и СКМ до падот и бедата на СДСМ

Пишува: Ванчо Спасески, координатор на секторот за Политички систем на Левица

Левица со етаблирањето на политичката сцена предизвика бранувања меѓу досегашните партии поради вредностите за кои се залага и визијата за иднината на државата. Во суштина им го руши комодитетот на наизменичното владеење, во народот попознат како ,,Курто и Мурто,, или ,,Змија или Магаре,,. Левица е најбрзорастечка парија бидејќи се здобива со се поголеми симпатии, поддршка и верба на народот за промена на состојбите и подобро утре. Со ваквите процеси, кај припадниците на другите партии Левица предизвикува паника и страв поради последиците што би ги имале ако Левица добие шанса да формира Влада. Кога ќе се направи и површна анализа на историјатот и актуелната состојба во СДСМ станува јасно зошто од партијата доаѓаат толку силни напади кон Левица. 

Сјајот на КПМ-СКМ, државотворна, народна, работничка, прогресивна партија и пред се хуманистичка, наспроти падот и бедата на СДСМ со нејзино трансформирање во разурнувачка, разнебитувачка, капиталистичка партија и приватна организација!

Во изминативе децении, од осамостојувањето до денес, СДСМ имаше пет мандати за формирање влада, четири личности премиери и седумнаесет години власт. Во овој период СДСМ направи суштински и катастрофални грешки или беше директно соучесник во истите, со што ги отвори вратите на сите негативни состојби и процеси што ги предизвикаа и ги продуцираат актуелни состојби и ситуации во сите сегменти на државата.

Членовите и симпатизери на СДС генерално можеме да ги поделиме на две групи: 

Првата група ја сочинуваат старите членови и симпатизери на СКМ. Оваа група е во хронична заблуда и не може да си признае дека СДСМ нема врска со партијата на која и припаѓале и која ја симпатизирале СКМ.

Со трансформирањето на СКМ во СДСМ, партијата ги изгуби темелите и вредностите на кои беше создадена и развивана со децении. Со самото тоа што СДСМ се самопрогласи за идеолошки и правен наследник, не значи дека ги има и негува вредности на СКМ. Наследениот потенцијал, материјален (имот и парични средства) и човечки-кадровски, полека но сигурно се потроши. Имотот се изгуби со давање под хипотеки, парите се потрошија, а човечкиот потенцијал се изгуби по пат на негативна селекција, елиминирање, а и биолошкиот часовник си го направи своето. Повеќето од припадниците на оваа партија и нејзините најголеми подржувачи-симпатизери или не се повеќе активни учесници во работењето на партијата или ги нема повеќе меѓу живите. Партијата полека но сигурно стана идеолошки недефинирана и непрепознатлива, бидејќи вербално пропагира некаква социјалдемократија, со лева ориентација, а фактички е партија водена од капитал интересите, со десничарски карактеристики. Објективно, таа и не може искрено да излезе од ваква десна идеологија пред членството и симпатизерите, бидејќи за мнозинството би била неприфатлива. Но, СДСМ не е само десно ориентирана партија. Ако се земе во предид како внатрешно функционира таа е и приватизирана, бидејќи се е во функција за реализација на лични и групни интереси. Затоа членовите и симпатизерите треба да се на чисто дека партијата е приватизирана, изјавата на З.З. дека тој ја финансира и дека е негова своина е потврда за состојбата со партијата. Во однос на луѓето кои се залажуваат со историското потекло на партијата, треба да им е јасно дека од тој аспект партијата ги нема своите претходни вредности и е узурпирана од поединци и групи, кои како од бога дадени ја раководат партијата и државата само од лични и групни интереси. Напуштањето на АСНОМ-ските темели се очигледен доказ дека останатите изјави се обични приказни за наивните да бидат сè уште во заблуда.

Втората група ја сочинуваат лица, членови и подржувачи кои имаат личен интерес, дали за партиска, државна функција или за некаков економски интерес-бенефит.

Ваквите интереси полека но сигурно ја профилираа состојбата во партијата и нејзините раководни структури, личниот и групниот бенефит, дали функција или пари, стана основен критериум и посакувана состојба за учество во раководните структури на партијата или државатао. За оваа група важно е исполнувањето, реализирањето на личните и групните желби и интереси и се додека тоа е можно да се реализира ќе ја поддржуваат и ќе работат во и за партијата.

Причини поради кои СДСМ нема ништо заедничко со СКМ :

  1. Промена на политички систем од социјалистички во капиталистички

Пред повеќе од три децении, тогашниот СКМ како водечка сила се трансформира во социјалдемократска квази реформска партија, која го промени политичкиот систем во Македонија, од социјалистички во капиталистички. Ваква голема општествена промена на политички систем не може и не смее да се направи без референдум на кој ќе се изјаснат сите државјани. А референдум немаше! Историски гледано ваквите коренити промени на политички систем се последица на револуционерна, а не еволутивна промена. Без да биде прашан народиот, тогашното Собрание на СРМ го промени социјалистичкиот систем и воведе најлош можен облик на капиталистичко управување. Со ова дело, тогашниот СКМ се трансформираше во СДСМ и од неимар се претвори во рушител на дравата, приграбувајќи ја власта од мнозинството и работничката класа формира отуѓени центри на моќ. Националното богатство создавано четириесет и пет години го подари на мал дел новопечени капиталисти. Целокупниот грабеж се одвиваше под плаштот на т.н. транзиција и приватизација, што во суштина беше најеклатантен пример на кражба и сиромашење на народот.

  1. Историски катастрофални грешки
  • Потпиша Рамковен договор со кој :
  • се фаворизира една националност со што се направи вовед во најнегативните историски промени;
  • направија нова територијална поделба, што е вовед во расцеп на државата;
  • воведоа така наречен бадинтеров принцип, со што на широко се отвори вратата на консензуална или биполарна ,,демократија,,
  • воведоа бипартитно владеење;
  • ја воведоа и почнаа да ја практикуваат партизацијата на државата;
  • реализираа интереси на групи и поединци, а не државни и национални интереси;
  • се ставија во функција на интереси на други држави и народи, а не на сопствената држава и народ;
  • полтронството, сервилноста и личниот, групниот интерес се главните вредности за екипирање на партијата, а со тоа и на функциите во државните системи;
  • некои од највисоките државни функционери се соработници на странски разузнавачки служби и работата за туѓи интереси;
  • партијата се узурпира и приватизира;

Потпишувањето или прифаќањето на меѓународни, лични, меѓупартиски договори и барања ја отвори пандорината кутија, наместо да решат никаков проблем тие создадоа нови, иднината ќе го покаже тоа.

  • Потпиша така наречен Преспански договор, со кој се избриша историјата, а со тоа и иднината на македонскиот народ, растуријќи ги темелите на нацијата и државата;
  • Потпиша таканаречен Договор за добрососедство со Бугарија, договор кој е продолжение или Анекс на Преспанскиот договор;
  • Ја спроведоа таканаречената Тиранска платформа, која суштински ги менува односите во државата оставајќи простор за создавање на неизвесна и турбулентна иднина, а сето е спротивно на интересите на државата и народот;
  • Спроведаа Попис со длабоки негативни државни и национални последици, кои тек ќе следат;
  1. СДСМ нема ништо заедничко со СКМ и КПМ

СДСМ во изминативе триесет години постои врз основа на наследени од капитал на Сојузот на комунистите на Македонија и Комунистичката партија на Македонија. Тие, со самопрогласувањето на СДСМ за единствен наследник на КПМ, ги наследија материјалното богатство, целиот човечки потенцијал и уште поважно, поддршка од народот. Во овие три децении раководствата на СДСМ ги потроши сите наследени материјални, човечки, општествени и државотворни вредности кои ги поседуваше СКМ. Секој треба да биде свесен дека СДСМ веќе нема ништо, ама баш ништо со СКМ. Поддршката што сè уште ја има од поранешните членови и симпатизери на СКМ е последица на инерцијата и тешкотијата на поддржувачите да си признаат дека подржувале и подржуваат некој кој веќе нема никаква допирна точка со тоа што бил СКМ.

Секому е тешко да си признае дека триесет години е во заблуда, дека од тоа во што верувал и подржувал нема ништо, многу е тешко сам да си ги извадиш иконите од олтарот каде си се крстел. 

  1. Процеси кои ги спроведува СДСМ се за разнебитување македонската држава и нација

Мора да констатираме дека владата е многу успешна и исполнителна во реализација на туѓи интереси, спротивни на интересите на македонскиот народ и држава. До денес власта е тотално неуспешна по сите основи во сите системи на државата според сите показатели. Успешна е само за припадниците на власта а особено во исполнување то на интересите на коалициониот партнер и соседите. Во суштина ова е Влада на ДУИ а не на СДСМ.

Со промената на уставот и законската регулатива ги напуштија АСНОМ-ските принципи и темели на државата, ја релативизираа унитарноста и го рудиментираа граѓанскиот концепт. Со закон за двојазичност на цела територија го погазија Охридскиот рамковен договор, со давање на државјанство на над 180.000 лица го променија етничкиот состав а со пописот вон сите меѓународни стандарди ја започнаа завршницата на моменталното владеењето!