Мухиќ: Хрватскиот предлог е неприменлив – Бугарските барања водат кон федерализација

По речиси цела година одбивање на францускиот предлог, за уставни измени и внесување на Бугарите во македонскиот устав како конститутивен народ, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да седне на преговарачкото столче и спротивно на досегашните ставови да прифати уставни измени, но како што велат по „хрватски терк“.

Според професорот нa филозофскиот факултет во Скопје, Ферид Мухиќ, овој модел е неприменлив, а прифаќањето на бугарските барања можат да доведат до федерализација на Македонија.

„Моделот на преамбулата на хрватскиот устав е неприменлив како решение за бугарските барања за измени на македонскиот устав, зашто на Бугарите не им одговара таквиот пристап.“

Професорот тврди дека Бугарите сакаат да бидат внесени во македонскиот Устав како конститутивен народ и на овие измени гледа како отворање на нови проблеми кои ќе ја федерализираат државата.

„Бугарите не сакаат во македонскиот устав да бидат внесени како малцинство туку како конститутивен народ. Тие очекуваат измените што ги бараат да бидат во насока на целосна предефиниција на Уставот на Македонија, за Бугарите да бидат конститутивен народ еднакво како Македонците. Повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми, наместо да се реши постојниот проблем.“