Навршија 17 години од неуспешниот референдум за територијална поделба во Македонија

На 7-ми ноември 2004 година, во Република Македонија се одржа референдум за отфрлање на предложената територијална организација на државата.

На референдумот мнозинството – 95,06% од гласачите, или 427 112, се искажа против новата територијална поделба. Но, референдумот не беше успешен поради тоа што излезноста беше 26,58%, односно не беше постигнат законски потребниот процент од 51% излезеност на вкупниот број избирачи.

Креаторите и поддржувачите на Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија од 2004 убедуваа дека на тој начин се исполнуваат обврските од Рамковниот договор, се овозможува поголема независност на општините, нивна фискална и физичка децентрализација. Целиот процес на подготовка на новата територијална поделба се изврши крајно нетранспарентно, спротивно од волјата на граѓаните, и конципиран да направи етничка поделба помеѓу македонски и албански “територии“.

Големо влијание за не/излезноста на референдумот имаше меѓународната заедница, особено одлуката на САД три дена пред тој да се одржи да ја признае Република Македонија под уставното име. По тој повод, но на денот на молкот пред референдумското гласање, на 6 ноември 2004 година, Владата на СДСМ организира јавна прослава на плоштадот “Македонија“ во Скопје и донесува одлука сите ресторани и кафани таа вечер да работат без ограничување.

Новата територијална организација на Република Македонија предизвика големи етно-демографски импликации и нарушување на етничката рамнотежа во Република Македонија.

Бројот на општините во Републиката од 123 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа со седум општини (Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари) според Законот за општините од 1996 година, се намали на 84 и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа со десет општини (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) според Законот од 2004 година.

Општина Гостивар која според старaта поделба имаше 26,54% Македонци, со припојување на општините Вруток, Долна Бањица, Чегране и Србиново (со територијалната поделба од 2004) се намали бројот на Македонците на 19,77%. Со ова одредбите од Рамковниот договор не важат за Македонците на локално ниво како малцинство.

Општина Тетово според старата поделба имаше 28,17% Македонци, со припојување на општините Џепчиште и Шипковица нивниот број се намали на 23,16%, со тенденција да опадне под 20% поради високиот наталитет и константното доселување на Албанци од Косово, а со тоа Македонците да се најдат во иста ситуација како во Гостивар.

Општина Струга имаше 47,94% Македонци и тие беа најбројни во општината, и со припојување на општините Велешта, Делогожди, Лабуништа и Луково бројот на Македонците опадна на 32,09%, а на Албанците се зголеми од 41,54% на 56,86%.

На Општина Чашка во Велешко (регионот Азот) покрај општините Богомила и Извор и се придадоа и селата Горно и Долно Јаболчиште (од Општина Велес) населени исклучиво со Албанци па така бројот на Албанците од само 7,47% скокна на 33,06%. Со тоа ова историски важно македонско подрачје станува двојазично со тенденција, поради големиот наталитет во албанските села, а нискиот во македонските, оваа општина за некое време да стане мнозинско албанска.

На Општина Долнени која се наоѓа во северниот дел на Пелагонија (Прилепското поле) и се придодаде општината Житоше па бројот на Македонци се намали од 41,79% на 36,57%, а бројот на Албанците и Бошњаците се зголеми (од 21,22% на 26,37% на Албанците и од 14,10% на 17,36% на Бошњаците) со што Долнени стана предоминантно муслиманска општина.

Со припојувањето на општините Сарај и Кондово на Градот Скопје бројот на Албанците се зголеми од 15,30% на преку 20% со што главниот град на Република Македонија стана двојазичен. На Скопје му се придадоа уште 229 км квадратни и голем број села кои се оддалечени и повеќе од 20 км од него, а некои се без канализација и телефонска мрежа.

Во 2013, по локалните избори, општините Другово, Вранештица, Зајас и Осломеј престанале да постојат и се припоени кон Општина Кичево, со седиште во Кичево, со што се менува етничката слика на градот.

Тоа се состојбите по Референдумот, познат и по кампањата на владеечкиот блок со повикот за неизлегување – “Некои прашања не заслужуваат одговор“