Како НАТО ја изигра АРМ пред операцијата „Жетва“

„Покрај повлекувањето на тешкото вооружување од кризните реони, мораше да се повлечи и тенковскиот баталјон Т-72 кој беше набавен од Украина, формиран со професионални послуги, оспособен за дејство, а беше стациониран во касарната “Илинден” Скопје. За ова повлекување немаше нити писмен договор, нити беше тема на разговор во преговорите за прекин на огнот, а ни покасно кога се договараше разоружувањето на т.н. ОНА.

Генералниот секретар на НАТО беше посебно заинтересиран, овој баталјон да биде дислоциран што подалеку од кризните подрачја. Знаејки ја борбената моќ на оваа единица НАТО бараше по секоја цена баталјонот да биде дислоциран во Струмица. Со секојдневни притисоци од НАТО Претседателот на РМ одлучи и нареди Тенковскиот баталјон со комплет старешински и војнички состав да се дислоцира во Струмица, што беше направено. За секое напуштање и на еден тенк од Струмица мораше да се бара одобрение од НАТО.

[…] И во конкретните преговори, во однос на разоружувањето на т.н. ОНА, на некој начин бевме изиграни – имено во изработка на Планот за разоружување и начинот на извршување на разоружувањето на пунктовите, наменските сили на НАТО “Жетва”, од почетокот на разговорите беше договорено: на секој од пунктовите да бидат присутни и старешини од АРМ или МВР, секако како набљудувачи во цивилна облека. Ова го баравме од почеток на преговорите бидејќи имавме сознанија дека т.н. ОНА е вооружена со вооружување од некои земји, членки на НАТО. Но пред самата реализација на операцијата “Жетва”, под оправдување “не гарантираат безбедност на нашите набљудувачи” не беше дозволено присуство на пунктовите за собирање на оружје на нашите набљудувачи од страна на наменските сили на НАТО.

[…] Од почетокот на војнaтa во Р. Македонија, во Државниот врв имаше различни мислења и неединство во мислењата на кој начин војнaтa да се разреши, а пред јaвноcтa се стекна слика дека раководството на РМ е неодлучно во употребата на постоечкиот одбрамбен систем, во што Уставот ги обврзува за употреба на сите средства во однос на одбрана на суверенитет и интегритет на државата. Таа неодлучност, дали се темели на недоволната храброст, знаење или “така беше договорено” не е многу важно. Битно е дека овластениот орган кој според законот должен е да преземе соодветни мерки за одбрана на Р. Македонија а не ги преземал – е директен соучесник со другата страна односно со агресорот.“

Извадок од книгата – „Сведоштва 2001“ на Генерал Панде Петровски