„Ево ви га на!“: Генијалноста на глупоста во пет точки
Делумна инспирација за оваа колумна е еден коментар на мој ФБ-пост, по повод заклучокот од истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, во која беше „обвинет“ кабелот. Мојот пост беше згрозување од ставот на Заев дека морална одговорност нема, оти истрагата покажала дека „виновен е кабелот“! Коментарот на мојот ФБ пост (веројатно ќе се препознае), беше дека ми се чуди и на мене и на сите оние кои сè уште му се исчудуваат на Заев! Не помина долго време од овој генијален заклучок дека „кабелот е виновен“, а тој веќе на следниот партиски митинг се „избаци“ со четвртооделенска фора – „ево ти га на!?“ „Генијалноста“ на глупоста на Зоќе, не престанува да нè изненадува! Нема ден без гаф на премиерот ни, кој избегнувам дури и да го гледам оти „убише ме туџа срамота!“
Но, тогаш „ми светна“! Тоа дека Заев е таков каков што е, е очебиен факт. Има една генијална филмска реплика, која идеално го илустрира и нашиот херој: „Нека не ве залажува тоа што зборува глупо, се однесува глупо, прави глупи работи… тој навистина е глуп!“ Но, она што ќе се обидам да го покажам овде не е евидентноста на таа фактичка состојба, туку тоа дека некои „злобни ПР-мастермјанди“ (веројатно странци, истите оние што го донесоа и го одржуваат на власт), од тоа имаат направено неверојатна политичка стратегија и добитен ПР-наратив. Едноставно, тој „природен хендикеп“ на човекот, го имаат претворено во политичка предност! Како? На неколку начини:
- На овој начин, преку вулгарноста и простотилакот на првата политичка фигура (а и на неколкумината околу него), со која бесрамно се изложува во јавниот дискурс, прво нешто што се прави е – анестезирање на секоја сериозна јавна критика. Таквите негови настапи се толку елементарно глупи, нелогични, невистинити, прости… што било кој човек, со трошка здрав разум, би избегнувал воопшто да спори со нив. А камо ли пак, било која интелектуална и критичка јавност да се впушта во калта на тоа нечуено инфантилно ниво. И, резултатот е генијален: ако со глупоста не се спори, никој и не спори повеќе на јавна сцена! Критичка јавност – нема! Првата цел е постигната.
- Не само што критичката и интелектуална јавност умре, туку и прагот на јавноста воопшто, достигна нови височини. Нашиот сензибилитет за регистрирање на оваа вулгарна глупоќа е отапен. Веќе ништо не може да нè изненади! А зарем токму тоа и не е целта!? Моралната вертикала на Заев е хоризонтала! Тој воопшто нема никаков проблем со сопствената извалкана слика во јавноста и недостатокот на какво било достоинство! Впрочем, токму тоа е и интенцијата на ПР-стратезите. За актуелните потреби (амбисот кон кој нè води), тој не треба да е умен, ами само послушен. А што правиме со тоа што не е баш најбистар во јавниот дискурс? Рековме, од тоа ќе направиме предност! И во овој случај, прават предност – нас веќе ништо не нè шокира од него. А токму тоа и се очекува – решенијата, одлуките кои го донесе (Преспанскиот пред сè), а и оние што ќе следат, повеќе никого не го шокираат! Невидените длабочини на неговата вулгарна фигура се она што ја гарантира глупоста на секоја нова одлука и нашиот политички сензибилитет тоа повеќе и не го регистрира. Нема глупост што од него не ја очекуваме.
- Понатаму, тој не е „автократски тип“ на лидер, како Груевски, кому му беше битна „сликата“ на неприкосновен водач во јавноста, без трошка сомнеж во неговото „достоинство“, „чесност“, „морална цврстина“ и „интелектуална супериорност“. Не, Зоќе нема проблем со тоа! Додека целата оваа слика за Груевски се сруши како кула од карти со првите бомби во кои тајното лице, излезе пред јавното, за Зоќе нема потреба да слушаме бомби – неговата невидена вулгарна и проста природа и сите негови гафови, криминали, афери.. се јавни! И повторно, ПР-стратезите од тоа се обидуваат да направат предност! И тоа во двојна смисла: Прво, тоа го прави „еден од нас“, обичен човек, кој пцуе (“еба му името“), се кези, покажува „курац“ на сцена, вика „ево ти га на“… А ако првиот од нас, нашето „јавно лице“, нашиот политички репрезент, е таков, „обичен“, тогаш такви сме и сите ние. Со тоа, конечно и сето наше достоинство е такво – соголено, одземено. Ако првиот од нас е таков, никој друг од нас нема право ниту на трошка повеќе достоинство. Ако нашиот „цар“ јавно и гордо изјавува дека е гол, па кои сме ние обичните смртници да носиме одежда!? А народ без одежда – без достоинство, е најлесниот политички материјал за манипулација. И второ, и особено важно, е што преку ваквата слика на „обичен“ човек, на него сè му е однапред простено и дозволено. Ние, на пример, знаеме дека лаже – но заради сликата на „обичност“, му „простуваме“, оти обичните луѓе понекогаш и лажат, зарем не!? Уште повеќе, тој со тоа не само што има дозвола да лаже дрско и безобразно, туку дури и е горд кога кажува вистина од која треба да се срами! Но, токму тоа е она што сака да се постигне – да не нè боли лудоста на глупоста што ја прави. Тој го кажува со гордост она од што секој пристоен човек би се срамел! Од јавна фигура, јавна личност, во јавниот дискурс би се очекувало да се срами од нешто – затоа што во јавниот простор секоја јавна личност, навистина не е обичен човек, ами носител на некаков симболичен лик, а со тоа и поредок! Тоа е разликата помеѓу јавното и приватното и нема ништо спорно кога јавното е одреден симболички поредок во кој сите се преправаме, затоа што и треба да се преправаме – тоа ја обезбедува кохезијата на јавниот симболички поредок. Но не и Заев. На генијалниот ПР-тим, кој ни ја сервира оваа карикатура, му е јасно дека оваа јавна симболичка функција Зоќе нема капацитет да ја преземе и затоа од приватната негова слика, прават јавна и од тоа прават предност! А Зоќе нема проблем со тоа јавно да биде гол! Тоа му овозможува да не се срами од ништо, дури и кога „прекрсти“ цела нација во северна; дури и со тоа да се гордее!
- Конечно, вака лишен од овој симболички лик во јавниот дискурс, во кој ни се преставува без него само како „обичен човек“, сепак, тој симболичките прерогативи на јавна власт ги задржува! Лишен од симболичкиот јавен лик (целиот претворен во приватен), тој сепак останува со задржани симболички функции. Значи, иако јавно е приватен, обичен како нас, сепак не е целосно како нас – тој сепак ја носи политичката моќ! И затоа во суштина тој е уште „пострашен“ во владеењето дури и од Груевски! Да, да, пострашен, затоа што јавниот, симболичкиот лик на Груевски беше задржан, тој беше „неприкосновен“, без „дамка“ во јавниот дискурс и тоа го тераше да биде внимателен дури и кога се одмаздуваше или напакостуваше, за тоа да не ја загрози неговата јавна симболичка слика на морална величина! Заев нема проблем со тоа, тој може да набрка инспектор затоа што „пркосел“, тој може да набрка друг инспектор кој спорел докторски дипломи на неговите коалициони партнери, тој може да се откаже од Максо со кого крвареше, тој може да нè прави недоветни дека виновен е кабелот, а не Филипче (бескрајна е низата )….тој може да прави сè, затоа што е лишен од секаков морален прерогатив кој оди заедно со симболичката јавна функција, затоа што тој, нели е само обичен човек, но при тоа, тој ја има сета политичка моќ да го прави тоа што го прави (што сепак не го прави „обичен“), во што се разликува од нас „обичните“ – и токму тука лежи страшната опасност во неговата фигура и системот што го претставува! Едноставно кажано, на нас „обичните“ луѓе, во сферата на приватното ни е дозволено да мразиме, да бидеме слаби, да се одмаздуваме, затоа што не сме светци, ами обични луѓе….(во што тој е ист со нас), но ние ја немаме политичката моќ тоа и реално да го оствариме (а тој ја има), заради што е крајно опасен лик!
- И за крај, занимавајќи се со приватната слика на неговиот лик, во позадина се случува главната политика, задскриена зад циркусот на кој му се смееме. А во Штипот имаме еден стар виц, прераснат веќе во анегдота: „сите се смеат, и јас се смеам, кога да видам, мене ми се смеат“! Смеејќи му се, не гледаме дека ние сме за жалење! Целта остварена, ПР-планот брилијантно остварен. Ваква идеална политичка фигура за ПР-манипулација Македонија немала во изминатите 30 години. Само човек без достоинство, може да лиши цела нација од достоинство!
Став на проф. д-р Трајче Стојанов