Пописот секогаш бил политичка алатка

Пишува Круме Богевски, член на Црвена Младина и модератор на Левица – ЛО Кавадарци

Доколку се согласите да учествувате во илегалниот попис, ќе ви треба само неколку минути да ги одговорите прашањата на попишувачите. Или пак некој друг ќе оддели неколку минути од своето време, да ги даде истите тие информации наместо вас! Затоа и може да добиете впечаток дека пописот е едноставна и минлива операција само за броење на населението, всушност пописот е многу повеќе од тоа!

Во античко време пописот бил начин на кој би се предвиделе приходите од собирањето на данокот. Оној кој бил попишан, бил и оданочен! Подоцна, при формирањето на модерните држави, пописите се тоа што го потврдувале легитимитетот на постоењето на државите. На тој начин, народот потврдувал дека е дел од општеството со кое оправува оној кој го организирал пописот, дека го почитува и ќе му плаќа данок, ако истиот му овозможи безбеден живот, организиран во новата постоечка држава. А денес, денес пописот е една од најмоќните политички алатки. Не е само тоа препознатливото „ќе не пребројат како овци“, не е ни нешто што „тие“, донесувачите на одлуките ни го прават нам, туку е тоа што ние самите си го правиме. 

Зошто? Па затоа што кога си дел од попис, ти ја прифаќаш методологијата која се користи за реализација на тој попис. Врз основа на тој попис се распределува и правото на одлучување во оваа држава, така се распределува правото на управување со важни институции. Не заборавајте дека го “славиме“ неславниот Рамковен договор, кој овозможува прво да се зема предвид која е етничката припадност на кандидатот за вработување или за управување со некоја институција, а потоа и неговите квалитети, образование и искуство! Така, доколку методологијата за пописот на моменталните донесувачи на одлуките во државата е скапана, трула и единствено одговорна да ги овозможи опстанокот на коалицијата која донесува одлуки, народот кој се попишува сам овозможува да работните места се распределат во поголем процент на лица кои заслужуваат помал процент на работни места. 

Парадоксално? Да! Ама нема лутење, затоа што на пописот се попишуваат луѓе кои не живеат, дали и некогаш живееле во државава за да има поголем процент на етникум кој не е доволно застапен во државата за да има поголем број на работни места, да ужива права на побројно малцинство, да зема поголем авторитет во донесувањето на одлуките, претставувањето на државата и т.н. 

Најпозната ситуација каде пописот се искористува како политичка алатка е во 1911 година, кога жените во Британија одлучиле да го бојкотираат пописот со паролата „Ако не се брои нашиот глас, зошто се броиме ние на пописот!“, па така пописот резултирал со илјадници непопишани домаќинства единствено затоа што во тоа домаќинство живееле само жени. Уште еден случај каде се гледаат резултатите од трулоста во методологијата на пописот!

Главната поента е дека ни треба попис, но не ваков попис, не било каков попис, а посебно не попис за демографско инженерство! Не ни треба попис кој брои се, постоечко или непостоечко, ниту пак попис кој се поклопува со локални избори на кои мора да опстане климава коалиција на две партии кои го договараат демографското инженерство! Постојат јасни инструкции, правилници, препораки и методологија која се покажала ефективна и со мал праг на грешка во држави кои се далеку поразвиени од милата ни Македонија. Вистината е дека таа методологија не е во прилог на демографското СДС-ДУИ сценарио, па затоа тие упорно форсираат пребројување кое им одговара. Ова е попис за косовизација на државата, ова е попис чија методологија во синхронизација со Рамковниот договор што ти го одземе правото на одлучување кое го имаш и ќе го даде на друг, само затоа што припаѓа на националност која поуспешно ја разбудила дијаспората масовно да се попишува, иако нема допирна точка со државата во која ние живееме!