Шампионот во маратон Весна Кираџиева кандидат на Левица за градоначалник во Аеродром

Кираџиева е атлетска репрезентативка на Македонија повеќе од 20 години, поранешна рекордерка и шесткратна шампионка на Македонија во маратон. Дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност. Претседателка и тренерка на АК „Индјуренс“. Менаџер на социјални мрежи (Social media manager), дел од организациониот тим на „Виз Ер Скопски Маратон“, „Авицена Женска трка“, „Халк Еко Скопје Трча“. Поранешен волонтер во Центар за оспособување на деца со посебни потреби „Јанез Левец“ во Љубљана (Словенија). – На својот фејсбук профил таа соопшти дека како кандидат за градоначалник од редовите на Левица „ќе трча“ во општина Аеродром.

„Прво, на најблиските другарчиња, да ви се извинам што можеби вака изненадно дознавате за мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Аеродром од страна на Левица, но знам дека ќе имате разбирање за нашата потреба да ја држиме одлуката во тајност, со оглед на тоа дека е чувствителна работа, особено во нашето политичко опкружување. За да не се чувствува било кој запоставен, ве уверувам дека освен најтесниот круг во Левица, мајка ми и брат ми, никој друг не знаеше за ова.

Верувам дека ќе имате многу прашања кои ќе се обидам да ги одговорам тековно, во следниот период. Сега накусо, она кое верувам сите ве интересира – од каде јас во политика, од каде во Левица, кога ме знаете како спортистка која никогаш не беше партиски обоена и не сакаше да меша политика и спорт и секогаш веруваше дека општествените битки може да ги победи преку спорт и едукација на луѓето наоколу?

Точно, така работев со години и за жал, сѐ безуспешно. Генерално, народот покрај сите проблеми, воопшто не е заинтересиран за спорт, а уште помалку за атлетика, па оттука, мојот збор секогаш останувал неислуша и ирелавантен за пошироката јавност, онаа до која сакам да допре моето стручно знаење, бидејќи јас не сум ‘само’ атлетичарка. Имам цврсти и утврдени политички идеологии кои досега сум ги промовирала и терала преку социјални мрежи, најдалеку преку издадената книга, но повторно – глас на атлетичарка во Македонија е помалку и од безгласна буква.

Мојот глас на последните парламентарни избори го дадов за Левица и не се покајав. Активно им ги следев сите активност на членовите, (не само на пратениците) и јасно ми беше дека се луѓе кои работат искрено, со срце, но и дека се претепуваат од работа за да постигнат сѐ со двајца пратеници и еден советник и дека им треба народна помош, и помош од некој кој добро им ја разбира политиката и идеологијата. Следејќи ги активно, се уверив дека нема став кој тие го споделија, а јас да не се согласувам стопроцентно, па дури и самата да не го имам образложувано во некоја прилика на статус, пост, книга, блог, тв интервју…

Екипата е сјајна и ми дава огромна поддршка и немам зборови да ви опишам колку се приземни, искрени, вредни и како луѓе, но и кон народот и кон државата. Знам дека слушате приказни од страна на ботови, чија цел е да ви влеат сомнеж, но вие кои лично ме знаете и ми ги знаете ставовите кои ми се непроменети отсекогаш, ќе ми верувате. Ова е тим кој ЕДИНСТВЕНО може да нѐ избави од пад во бездна, јас најискрено и за жал не гледам друга опција за светла иднина. И токму затоа се приклучив на овој тим, на Левица, како единствена и последна шанса – ако ова не ни успее, моите прогнози се песимистични и за градот, за мојата општина и за Македонија.

Ќе пробуваат да измислуваат и да ви кажуваат глупости за мене, како и за мојот тим, гледам што прават изминатиов период, но повторно до вас кои ме знаете со години – верувајте и потпирајте се единствено на вашиот инстинкт базиран на тоа колку лично ме знаете, довербата во мојата стручност, одлучност и непоколебливост.

На крај, благодарност до Левица, благодарност до Дарко, модераторот на ЛО Аеродром кој најпрв ми ја даде довербата уште од месец мај-јуни. Фала до мојот најблизок тим од ЛО Аеродром со кои напорно работевме цело лето, (дури и кога другите беа по одмори), а во блиска соработка на средби со нашите сограѓани, со цел да составиме програма која ќе ги опфати сите сегменти на живеењето во нашата општина, но и градот Скопје. И секако, благодарност до преубавата и лојална екипа од Президиумот на Левица, на чело со претседателот Димитар Апасиев.

Моќта е во народот!“