Министерството за култура го разреши директорот на НУБ Фремзим Даути
Директорот Фремзим Даути е разрешен од должноста директор на Националната установа Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје, поради работа која не е во согласност со закон и статут и во други случаи предвидени со закон, врз основа на член 33, став 2 од Законот за културата.
„Врз основа на утврдената фактичка состојба констатирана при инспекциските надзори, министерката за култура Ирена Стефоска оцени дека се исполнети законските услови за разрешување од должноста директор на Националната установа, Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје пред истекот на мандатот“, стои во соопштението на министерството.
Пред околу два месеци партијата Левица упати реакција по повод тенденциозното уништување на оваа значајна институција. Тогаш се појавија фотографии од внатрешноста на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, каде беа прикажани простории во ужасна, руинирана состојба. Од приложеното и од досегашното интензивно уништување на сета национална историја и богатство од страна на власта, и повеќе од очигледно беше дека се работи за намерен процес на дeвастација на една од клучните институции за националната и колективната меморија.
До избор на нов директор, заради непречено функционирање на оваа установа, назначен е в.д. директор од редот на вработените.