Швајцарија го зголеми увозот на руско злато и покрај санкциите

Обемот на трговската размена меѓу Русија и Швајцарија е зголемен по воведувањето санкции кон Москва, објави „ Tages Anzeiger “, повикувајќи се на податоци на швајцарската царина.

Според тој медиум, извозот од Швајцарија, кој пред се, се состои од фармацевтски производи, е зголемен за 19 отсто, додека увозот од Русија од почетокот на минатата година скокнал за 54 отсто. Зголемувањето на увозот од Русија наводно е резултат на зголемените испораки на злато, кои се предмет на посебни санкции во Швајцарија.

Во август, Швајцарија им се придружи на земјите од ЕУ во забраната за трговија со руско злато и производи од злато, што очигледно не го спречи увозот на благородниот метал од Русија.

„Tages Anzeiger“ шпекулира дека голем дел од златото влегло во Швајцарија, која е главен глобален центар за преработка на тој благороден метал, преку трети земји, наводно од Дубаи.

Швајцарската асоцијација на производители и трговци со скапоцени метали соопшти дека нема никаква врска со руското злато.

Во јули, ЕУ го усвои седмиот пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за „директно или индиректно купување, увоз или пренос на злато и златен накит“ со потекло од Русија. Ограничувањата се насочени и кон извозот на златни предмети обработени во трети земји.