За работниците оставени на улица нема „европско знаменце“

Александар Симонов – член на ЦК на Левица

Користењето на „европското знаменце“ во процесот на донесување на закони целосно излезе од замислената оска, наместо негова практика во областите кои се од исклучителна важност за граѓаните (и процесот), алатката се користи за удоволување на национал-трибалистичките апетити на коалиционите партнери, соседните држави, бизнис интересите на крупниот капитал и олигархијата како и за сопствените потреби на врхушката од власта. Но, за ова поентата ќе ја заокружиме на крај!

Во овој период, каде се чувствуваат негативните економски импликации од „ковид кризата“, многу бизниси и компании (без разлика на големината) се соочуваат со потешкотии при работењето. Традиционално за индустриското општество во доцниот капитализам, ова удира по грбот на работниците.

Голем број на работници останаа без работа! – Најголем дел од нив, при губењето на работата не можат да ги заштитат своите права! – Ова е резултат на намерно направените легислативни слабости, нешто кое газдите и крупниот капитал максимално го користат. Истовремено, оние кои остануваат на работа, на свој товар ја понесуваат и работата која ја работеле нивните (сега веќе) напуштени колеги, за истата или помала плата.

Секое губење на работата е животна пресвртница, обично на полошо. Во најнезавидна состојба се работниците кои ги губат своите работни места во „поодминати“ години. После повеќе од триесет години работен стаж, остануваат без работа, на возраст во која исклучително е тешко да се вработиш. Практично стануваат социјални случаеви додека не исполнат услов за старостна пензија. Замисли, целиот свој живот, целиот свој работен век, си го посветил на една фирма, повеќе време си бил на работа отколку дома, за на крај да си фрлен на улица.

Втората ваква група, се работниците со попреченост. – При ваквите „чистки“, особено во средните и големи компании, тие се први на удар од страна на работодавачот. Идентична е ситуацијата кај оние работници со здравствени проблеми, за некои од нив само се чека да им приврши боледувањето за да им биде „удрена клоца“. После губењето на работата, ако имате посериозен здравствен проблем вработувањето станува невозможна мисија. Па така, оваа група луѓе не само што остануваат без работа, тие практично стануваат губитници во борбата за живот. Со помошта која ја добиваат од државата, не можат ниту лекови да си купат!

Третата ваква група се работниците во тешка економско-материјална ситуација, односно, самохраните родители, семејство со една плата, многудетни семејства со мали примања  и слично. Група на луѓе кои целиот живот како вработени живеат на работ на егзистенцијата, со губењето на работата, паднати се од работ, повеќе немаат егзистенција! Уште ако живете во микро срединa, каде истовремено се напуштени многумина како вас, снаoѓањето“ со работа е ѓаволски тешко.

Особено важен момент, што мора да се забележи, е животот на македонецот во легитимното должничко ропство. Не само овие три групи кои се во особено лоша положба, туки и останатите работници, најчесто се заложници на некаков долг (кредит) кон банките. Со плата на обичен работник, дом не се гради, стан не се купува, речиси никакво материјално добро не може да се дозволи. Сите, ама баш сите, заради обезбедување на основни потреби се „заглавени“ со некој кредит. Како ќе ја платат ратата наредниот месец? – Никој не знае.

Како новото враќање во транзицијата (по примерот на деведесетитте) влијае на младите? – Млад човек кој живее во држава каде образованието не му гарантира соодветна работа, работата не му гарантира материјална сигурност, а кариерниот раст не му гарантира раст на заработувачката, тешко дека ја гледа иднината овде. Гледајќи во својот родител, кој цел живот крпи крај со крај, за после сè да остане на улица, без егзистенција, не можеш да си ја сакаш државата, ниту пак ќе сакаш овде да си бараш „иднината“. Системот во кој живееме, каде работата не гарантира бегство од сиромаштија а најголеми дел од вработените живеат сиромашно, мора да биде сменет.

Најавени се измени во Законот за работни односи, уште од одамна, но таму само маркетинг со популистичка цел! – Недела ЌЕ биде неработен ден! – знаете од кога, од 1 октомври! Аха! – Тогаш ќе стартува „концептот“ во месец на (пред) избори. Внимавајте, „ќе стартува концептот“ – што значи може ѝ нема да помине, ама ќе стартува, во кампања.

Види ја другата финта на премудрата интелектуала. Боледувањето за породилно отсуство ќе го зголемуваат од 9 на 12 месеци (за родител број еден), и до 10 слободни дена (за родител број два)! И, тоа ЌЕ биде, ама не сега, „всичко си има процедура“, а ова, дури од 2022 година.  Што ти е „визионерски патриотизам“, уште сега се има план за гол популизам, за двата наредни изборни циклуси, машинерија!

Сега ќе се навратам на „европското знаменце“. – За овие проблеми да ги решите, нѐ ви треба европска регулатива? – а?  Нè другари, вас „европското знаменце“ ви треба само за политичките процеси кои ќе ви ја спасуваат задницата кога сте во густо, за тоа ви треба.

Со „европско знаменце“ може да се реши за велепредавство, за поддршка на етно-инженеринг, за задоволување на национал-трибалистичките апетити на коалиционите партнери или соседните држави, за удоволување на бизнис интересите на крупниот капитал или олигархијата, за сопствените потреби во врвот на владејачката елита, за се! – Ама за Законот за работни односи и заштита на отпуштените работници, „европско знаменце“ НЕМА!