НР Кина бара истрага за американската био-лабораторија во Форт Детрик
Отвореното писмо на НР Кина до Светската здравствена организација (СЗО), во кое бараат истрага за американската биолошка лабораторија во Форт Детрик, го потпишаа повеќе од половина милион луѓе.
Дебатата за можното вештачкото потекло на коронавирусот во СЗО сè уште е отворена. Првиот човек на организацијата Тедрос Аданом Гебреизус соопшти дека тие имаат намера да извршиат ревизија на лабораториите и истражувачките капацитети во областите каде се појавија првите случаи на Ковид-19.
Потписниците на отвореното писмо од НР Кина, наведуваат дека за да се превенира појава на други епидемии, СЗО треба да посвети внимание на лабораториите што проучуваат опасни вируси или биохемиско оружје.
Во писмото особено внимание е посветено на Институтот за истражување на инфективни болести, управуван од армија на САД , со седиште во Форт Детрик, Мериленд. Според нив постојат основани сомнежи за постоење на опасни и заразни вируси од типот на ебола, САРС, МЕРС, и разни видови на сипаници. Тие сметаат дека во случај на истекување на некои од овие вируси, може да сè предизвика сериозни последици на глобално ниво.
Исто така, потенциран е фактот дека: „Во текот на есента 2019 година во лабораторијата имало протекување пред да избувне епидемијата на Ковид-19, но САД не открија детални информации за инцидентот под изговор на националната безбедност“.
Во една од забелешките во писмото се наведува тоа што НР Кина дозволи на западните вирусолози и претставници на медиумите да го посетат Институтот за вирусологија во Вухан, додека САД не ја отворија лабораторијата во Форт Детрик и не ги „споделија првичните податоци со другите држави, вклучтелно и НР Кина.
По бројните обвинување кон НР Кина, особено од страна на САД и земјите од западот, беше создадена меѓународна група експерти, за идентификување на потеклото на коронавирусот во градот Вухан. Во март годинава, СЗО ја објави финалната верзија на извештајот, согласно нивното истражување протекувањето на коронавирусот од лабораторијата е „крајно неверојатно“.
Секако, кога извештајот нема да им се допадне во Вашингтон следува политизирање на процесот и продолжување на притисоците. САД, заедно со уште 13 други земји, издадоа заедничко соопштение, во кое изразија загриженост за наодите од извештајот на СЗО по посетата на меѓународниот тим, нагласувајќи ја потребата од „транспарентна и независна“ истрага за потеклото на Ковид-19.
Оваа постапка на САД, од Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџијанг, беше наречена „политичка игра и обид за вината да се префрли врз други“. Тој нагласи дека Вашингтон не е заинтересиран за вистината.
После ова писмо се очекува одговор од страна на СЗО. Тие треба да одлучат дали во американската биолошка лабораторија, во Форт Детрик ќе се спроведе исто вакво истражување, како што беше во Вухан.