Низ светот умираат 11 луѓе од глад, секоја минута!

Оксфам е конфедерација на 20 независни добротворни организации насочени кон ублажување на глобалната сиромаштија. Организацијата е основана во 1942 година и работи во повеќе од 90 земји во светот. Како глобално движење, тие се борат против нееднаквоста со цел да се стави крај на сиромаштијата и неправдата.

Тие неодамна објавија извештај според кој: 11 луѓе умираат од глад низ светот, секоја минута, секој ден! Според податоците објавени од истражувањата на организацијата, во овој момент, 155 милиони луѓе ширум светот, живеат во несигурност поради недостиг на храна, што е зголемување за 20 милиони во однос на минатата година.

Авганистан е земја каде 42 проценти од населението (над 13 милиони луѓе ) се „изложени на ризик од глад“. Земјата е трета во светот според несигурност во снабдувањето на храна. Како главна причина за ваквата ситуација се наведува дваесет годишната војна. Очигледно е дека САД и НАТО силите во Авганистан, наместо демократија, донесоа глад. Поразително за нас е тоа што македонската армија беше соучесник во ова.

Дополнително загрижувачки е фактот, дека само година и пол од почетокот на пандемијата, на светско ниво, гладта предизвикува многу поголема смртност (единаесет лица во минута), споредено со корона вирусот (седум лица во минута).

Оксфам ги повика владите заедно со ООН да стават крај на конфликтите кои го предизвикуваат „катастрофалниот глад“ и да обезбедат услови што ќе им овозможат на агенциите за помош да стигнат до оние на кои им е потребна помош. Во извештајот, тие го потенцираа и фактот дека побогатите нации треба „веднаш и целосно“ да ги финансираат напорите на Обединетите Нации за ублажување на гладот.