Левица – Земјоделски сектор: Предложениот Закон за пасишта е само усогласување со Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост

На одржаната јавна расправа по предлог законот за пасишта, одржана во климатизирани простории со мал број на присутни граѓани, министерот Хоџа се произнесе дека сите се согласиле дека законот не е штетен и е во функција на унапредувањето на земјоделието, сточарството, како и следење на препораките од Европската унија. Политичката партија Левица, смета дека овој предлог закон за пасишта е само усогласување со предлог законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Во воведот на текстот на законот, цели, начела и основни решенија, никаде не е наведено дека една од целите за овој (нов закон за пасишта) е и продажба на пасиштата во државна сопственост, додека истиот вели дека е во функција на јавниот интерес. Продажбата на општото добро, пасиштата и земјоделското земјиште на приватни физички и правни лица не е во согласност со општото добро и јавниот интерес.

Потоа, во законот се предвидуваат постапки за давање под закуп на површини, пасишта, над 10ха, а истиот нема одредено законски лимит до колку хектари може еден концесионер да земе под закуп, туку таа површина ќе се определува во самиот оглас. Ова остава простор да се даде и 100 или 1000 хектари под закуп на еден човек или фирма.

Законот предвидува раскинување на договор за закуп во случаите ако МЗШВ го продаде пасиштето согласно законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Друго скандалозно решение во овој закон е и наплатата на пашарина за пчелните семејства. Во услови кога пчеларството е дефицитарна гранка, и пчеларите се соочуваат со се поголеми проблеми, како климатските промени, болести и угинување на пчелите, кражби, и друго, наместо да се преземат конкретни мерки за зголемување на пчелните семејства, законот им наметнува наплата на пашарина.

Овој предлог закон не носи ништо добро за обичните сточари, туку е во функција на олеснување на процедурата за продажба и оттуѓување на државните пасиштата на домашните и странските големопоседници, феудалци и капиталисти.