АктуелноЛокално

Илиевски: Црниот пазар со наставни и соработнички звања во високообразовниот систем во Македонија

Пишува: Ѓорѓи Илиевски – Виш просветен инспектор

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно – научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија. И приказната завршува тука! Октроираната министерска Царовска, на која ете за жал, премиерот во мандатното писмо не и посочил да ја среди високата корупција во високото образование  (како што  им објаснувала на своите партиски другарки од високите ешалони на власта!) нема сериозна намера  да воспостави поредок во овој важен систем. До нејзе не допира ниту Декретот на Претседателот Бајден за сериозните коруптивни проблеми во државата, не допира ниту Законот за високо образование.

Исто така, при очи се “слепи” и при уши “глуви” и припадниците на Инспекцискиот совет, Државниот просветен инспекторат, пријателката на министерот за внатрешни работи – проф.д-р Марина Митревска и другите членови на познатиот Одбор за акредитација на високото образование. Од моето повеќедецениско професионално искуство мотивот за нивното однесување ми е познат!

Но, се повеќе јасно е дека корупцијата, иако скриена, започнува во работата на Агенцијата за квалитет на високото образование (заради почитување на презумпцијата на невиност не би персонализирал поединечно никого!), затоа што се посилни се гласините дека сега, како никогаш порано, доколку сте подготвени едно добро плико да однесете во еден кабинет покрај реката Вардар, многу лесно ќе ја остварите целта. 

Минатиот пат Ви пишував за жалната ситуација со веб – страниците на македонските факултети кои се дел од одделни универзитети. Уште потрагична е ситуацијата и обврската на универзитетите од член 173 (9) од Законот за високото образование: високообразовната установа го објавува рефератот на рецензионата комисија од ставот (8) на овој член во соодветниот билтен и на веб – страницата на универзитетот, односно на самостојната висока стручна школа најмалку 15 дена пред денот на изборот.

Можете да посетите на пример еден веб-сајт и да прочитате дека проф. Муазем Халили, вработен во СВР Тетово е избран за насловен доцент со скратено работно време на Универзитетот на Југоисточна Европа. Насловен доцент е звање пропишано во член 182 од Законот за високото образование. Правна небулоза е ангажман на универзитет со скратено работно време. Дотолку повеќе што законот во истиот член (4) точно е наведено дека насловниот доцент може да врши високообразовна дејност само на универзитетот на кој го стекнал тоа звање! Дали овој професор спротивно на ЗВО предава и на друг универзитет? Барам одговор од Државниот просветен инспекторат, Универзитетот на ЈИЕ, МВР!

Член 187 од ЗВО вели дека работниот однос на лицата избрани во наставно – научни звања трае до крајот на учебната година во која наполнило 67 години. Еве да прашам јавно: каде предаваат на додипломски студии проф. д-р Томислав Џеков, проф. д-р Ристо Христов и многу други како нив? Можете да проверите на веб-страниците на универзитетите и ќе видите (распоредите ги фотокопирав за да не исчезнат во меѓувреме!).

Каде се асистентите на факултетите и кој држи вежби? Како е можно професори од средни училишта да спроведуваат вежби и тоа со фиктивни одлуки за клиничка настава или пак асистенти се вработени во државни институции (ова посебно се однесува на Вицепремиерот за корупција (ПУТЕРОТ) кој треба да создаде база на сите од Владата кои се ангажирани во универзитетите и тоа на незаконски начин)

Како е можно јавно да биде објавено на веб-страница дека професорот држи настава по предметите: Казнено право, Уставно право, Управно право? Дали е тоа во согласност со добиената акредитација, односно дали во наставата се вклучени професори кои се наведени во Елаборатот за акредитација или само фиктивно се наведуваат во Елаборатот и откога ќе се изигра Одборот и ќе се добие решение, сведоци сме на вакви објави на веб – страници на поедини универзитети. Има веб страници на универзитети каде како ректори, професори, фигурираат лица кои повеќе од една деценија не се вработени кај нив! Зошто ова се дозволува не ми е јасно.

Каде предава професорот Саша Дуковски (освен на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола)  и колку предмети? 

Листата на црниот пазар во високото образование е долга. Секојдневно добивам пораки и информации за изигрување на Законот за високото образование. Владата со една контрола на мазутот одзеде неколку лиценци на правни лица. Кога ќе се случи истотото и со високото образование во нашата држава МАКЕДОНИЈА навистина е енигма. Но, јас ќе продолжам да пишувам и покрај притисоците и телефонските јавувања на мои “пријатели” за средба на оваа тема за да ме замолчат!