Кираџиева: Свидетелство на баба ми Сандра од Егејска Македонија каде пишува дека е Mакедонка

  • Пишува: Весна Кираџиева

Училиште за економија, Осијек, 1950/51. Родена 1933, с. Нивици, Леринско (да, тоа Нивици – Преспански договор). Народна Република Егејска Македонија, народност Македонка, учела во ова училиште 1950/51, во текстилен оддел, прва година. 

Сѐ си пишува во свидетелството.

Македонското прашање за мене не е политичко или партиско, туку ЛИЧНО. Баба ми, како и дедо ми, биле протерани од своите домови како деца-бегалци, затоа што нивните семејства одбивале да се пишат било што друго освен Македонци, или да не смеат да зборуваат Македонски ниту дома. Егзодусот на Македонците од Егејот и денес се споменува површно (за ‘мир у куќа’, да не се замериме со соседите, како ние да сме виновни за нивните злодела), иако трaгедиите кои им се случувале на семејствата и децата, биле страотни (ако сте го читале или гледале “Црно семе“, знаете сѐ, дури и да не ви раскажувале бабите и дедовците), а децата одвоени од семејства, товарени во возови како стока и носени низ разни делови на Европа, кој и да ги примел (па така имам семејства кои не ги ни знам во Полска, Чешка, Канада, Австралија, сите заминати како деца – бегалци, а да не завршат погубно).

И никој сè уште не признава, ниту се извинува, ниту бара прошка, како на пример Германците од Евреите. Не само тоа, туку сосема спротивно, бараат уште повеќе покорност од нас, Македонците. И постојано ни велат „ама да не се навраќаме на минатото, да гледаме напред“. Но тоа минато ги боли, токму затоа и сакаат да го прикријат и избришат, се плашат дека од тоа минато се учи, се дава пример на младите, да разликуваат добро и зло. Заради таа лекција никој не се обидува да го прикрие злото врз Евреите во Втората светска војна. За да учиме од тоа. Па се прават и филмови, се пишуваат книги… Не им велат Германците „дајте да гледаме напред, да не се навраќаме на минатото, било поминало, денес се нови генерации“. НЕ! Им плескаат во лице на секој можна прилика, се одбележуваат јубилеи, национални празници.

Тогаш, зошто истиот принцип не се практикува и кон нас, Македонците од Егејска Македонија?! Зошто Европа, а пред сѐ нашите драги соседи игнорираат и нѐ бришат?! И зошто нашата сервилна влада го толерира и прифаќа ова, а не постави свои услови? Со изводите од раѓање на баба ми и дедо ми, можев да си земам грчко државјанство и да си бидам легитимен ЕУ/НАТО државјанин (збогум сиромаштијо?!) Тие едвај чекаат вакви случаи како мојот. Но, за мене тоа значи газење преку моите предци, тоа значи лажно признание дека јас не сум Македонка и дека таа територија не била македонска. Бидејќи тие не ти даваат туку – така државјанство, со тројца сведоци, без познавање јазик и без изјава за верност кон државата, (како што се обидуваат да истуркаат ваков преседан во Македонија). За тој пасош (како и за Бугарскиот), мора да се одречеш од себе, да потпишеш дека ти и целото твое семејство наназад до баби и прабаби потеклото ти е Грчко/Бугарско. Е тоа, јас не можам да го признаам кога не е вистина. Ете и документите од моите предци докажуваат како тие се потпишувале и како се чувствувале!

Не „хистеришам“ јас затоа што немам самодоверба и свесност за сопствениот идентитет и припадност (како што лупетаат некои ботови по социјалните мрежи деновиве). Напротив, точно знам што сум и од каде ми е потеклото и баш затоа не дозволувам шарлатани да ме бришат и да ми кажуваат што сум јас, што биле и од каде потекнуваат моите предци, баби, дедовци, но и Филип и Александар, Кирил и Методиј, Гоце и револуционерите – Егејци, Македонци од истата Македонија од каде е и моето потекло!

Кој ми гарантира, дека по нивниот пример, за 50-100 години отсега и за мене нема да тврдат дека не сум била Македонка, без оглед колку пати тоа да го потенцирам денес? 

Затоа замарам со статуси и постови и инста стори и твитови. Никогаш нема да им простам за името, за идентитетот, за јазикот и за сè што ни/ми имаат одземено семејно (и тука не зборувам само за материјалното)! А и не ѐ дека некој се има извинето или побарано прошка со ветување дека нема да се повтори, бидејќи се повторува, суптилно и глатко, за голем дел од народот незабележително, што никако не можеш ниту да им докажеш дека се случува разнебитување на македонизмот, дека не е само во нашите глави.

Но, ме охрабрува што денес, сѐ повеќе Македонци се национално освестени и сѐ повеќе се освестуваат. Ако ништо повеќе, им должиме на нашите предци кои се бореле за нас – нивната иднина, да продолжиме да се бориме, за иднината на оние кои доаѓаат по нас.