Пратениците на Левица со нула патни трошоци

СКАНДАЛ: Пратениците на Левица земале 0 (нула) денари патни трошоци!!!“

„Ние како народни пратеници се откажавме од патните трошоци. Автобуска карта не земаат во предвид. А нашиот предлог-закон за ДРАСТИЧНО НАМАЛУВАЊЕ НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ, веќе два месеци се „чува во фиока“ и не се доставува до пратениците. Тоа е се што треба да знаете со кого си имате работа.”

Во свој стил објавија пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, по веста  дека вкупно, од конституирањето на Собранието во август лани, овој пратенички состав ја чини државата 190 илјади евра за патни трошоци.

Пресметаните трошоци се заклучно со април, а во моментов тече исплатата и за мај, иако седници има многу ретко, а ни комисиите не претераа со работа.

Димитар Апасиев, лидерот на „Левица“ објави дека тој и Борислав Крмов се единствени пратеници кои не потрошиле ниту еден денар за патни трошоци, откако е формиран новиот пратенички состав.

Иако Левица поднесе Предлог-закон за драстично намалување на патните трошоци на пратениците, веќе два месеци предлогот  се држи во фиока кај спикерот Талат Џафери.

Со законот, се предлага четирикратно намалување на досегашните патни трошоци. Од досегашните 20%, намалување на 5% од продажната цена на литар гориво за изминат километар, што практично, патните трошоци би се сведиле на реалната цена на чинење на патен билет во меѓуградски превоз.

Пред скоро една година, СДСМ најави реформа која ќе опфати намалување на бројот на министрите, укинување на патните трошоци на пратениците во Собранието и реформирање на администрацијата.

„Реформата во администрацијата ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20%. Предвиден е помал број министри и рационализација на јавните служби, кои истовремено ќе обезбедуваат поголем број и побрзи услуги за граѓаните. Администрацијата мора да им служи, а не да им биде товар на граѓаните и затоа во администрација ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните. Дел од реформата на администрацијата е укинувањето на патните трошоци за пратениците во Собранието, бидејќи покажа можност за злоупотреби и сериозно ја намали довербата на граѓаните во своите претставници.“