Вишото обвинителство ја воскресна кривичната пријава на Левица против екс министерката за финансии Нина Ангеловска

Кривичната пријава на Левица беше отфрлена од страна на Основното обвинителство, но сега Вишото обвинителство ја прифати поднесената жалба од Левица, и ја врати кривичната пријава, која ја поднесе партијата пред неколку месеци против екс министерката за финансии Нина Ангеловска, со обвинение дека ги повлекла своите пари од Еуростандард банка пред таа да пропадне.

Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно своите законски надлежности, по увидот во жалбата и списите од предметот донесе Решение со кое жалбата ја уважи и го задолжи Основното јавно обвинителство Скопје да ја продолжи постапката со цел утврдување на сите неопходни факти и донесување соодветна јавнообвинителска одлука која ќе произлезе од утврдените факти и докази.

Според кривичната пријава која ја поднесе Левица, додека Ангеловска била на функција, наводно, злоупотребувајќи инсајдерски сензитивни информации го повлекла својот депозит во вкупен износ од 250.000 евра од Еуростандард банка непосредно пред банката да пропадне, со што ја искористила службената положба за остварување лична корист.

Со ваквото умислено и противправно однесување пријавената го прекршила член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси со што се исполнети условите за кривичен прогон по службена должност за сторено тешко кривично дело Несовесно работење во службата, обвинуваа од Левица.

За ова кривично дело е предвидена тригодишна затворска казна како јавен деликт насочен против службената положба.

Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка на 12 август 2020 година, по што беше отворен стечај за банката. На 16 август, министерката Ангеловска кажа дека во два наврати извадила пари од Еуростандард банка, првиот пат да инвестира во инвестициски фонд, а вториот пат да си купи стан.