Крмов: Ако АСНОМ-ците, ако партизаните биле фашисти – тогаш и ние сме фашисти!

Во жестока дискусија на прес-конференција, пратеникот Борислав Крмов одговарајќи на новинарско прашање, потенцира дека вредностите на АСНОМ се вградени во платформата на Левица и доколку тие биле националисти и фашисти, тогаш и Левица е националистичка и фашистичка партија. Еден од новинарите, кој се обрати на Крмов, рече дека секогаш во Собрание има блокади кога се во прашање етнички прашања и дека сега има нова сила која сака да се покаже, како што рече, поголема патриотска партија дури и од ВМРО-ДПМНЕ.

Новинарот дополна дека Левица сака да се доближи до граѓаните со националистички политики и потези кои, според него, се погрешни бидејќи државата ја оддалечуваат од Европска унија и ги разделуваат граѓаните. На тоа Крмов одговори дека ваков закон со олеснати услови за добивање државјанство нема никаде во Европа.


„Оргиналниот филибастеринг е да земете збор и да не прекинете со зборување. Овој филибастеринг кој се случува со амандмани е повеќе институционален, кој современото време го овозможува. Не гледам разлика дали законот ќе биде блокиран на едниот или другиот начин.

Овој закон нема врска со резидентното население. Алијанса и Алтернатива зборуваат за луѓе кои 30 години живеат тука, а сакаат престојот да го намалат на четири години. Сакаат да исфрлат заклетва спрема државата и лојалност спрема државата. И тоа ли е проблем? Тие имаат интервенирано во над 30 члена и исфрлени работи кои се стандард во цела Европа, како МВР да оцени ако некои луѓе ја загрозуваат безбедноста на државата да не добијат државјанство – тоа го имате во сите европски држави. Имате компаративна анализа од Парламентарен Институт, можете да видете таму се Хрватска, Словенија, Австрија и Германија и секаде го има тој член. И сега сакаат тој член да го избришат. Целта на овој закон е население кое не живеело тука или кое се задржало тука да добие државјанство на најолеснет начин во Европа.

И сега нешто околу национализмот. За каков национализам бевме обвинети ние од Алијанса и Алтернатива тука зборуваме за партија што мавташе со знамето на Голема Албанија на избори. Го поддржаа протестот за „Монструм“, кадешто на луѓе не им беше дозволено на македонски да се обратат, кадешто се скандираше „етничка Албанија“. Ние ли сме националистите!? Левиот патриотизам и АСНОМ се вградени во кредото на Левица, вие можете да ги отворите нашите основачки документи и тоа ќе го видите. Ако АСНОМЦИТЕ, ако Партизаните биле националисти и фашисти – тогаш и ние сме националисти и фашисти!

Околу процедурата, ние имаме повеќе начини да избереме да спречиме ултраштетни закони и за едниот закон сме одбрале една процедура, за другиот закон друга процедура. Јас не гледам тука разлика. Ние сме двајца пратеници, за разлика од другите партии кои имаат над десет, некои имаат над 40, значи ние сме институционално многу поограничени.”

Новинарот на тоа одговори дека не ги видел знамињата од голема Албанија на протестот. Крмов понатака продолжи дека обвинувањата за Левица дека се занимава само со национални прашања не се точни и дека секој што ја следи страната на Левица може да види дека над 95 проценти од темите кои Левица ги третира не се поврзани со националните прашања.

,,Ние додека беше ковид-кризата помогнавме на над 15.000 работници, водевме спорови на наша сметка. Но, тоа некако паѓа во сенка во општество каде 30 години се води етничка политика која е ставена на пиедестал.” – дополна Крмов.